Книга: „Страв и гадење во Лас Вегас“ – Хантер С. Томпсон

Книга: „Страв и гадење во Лас Вегас“ – Хантер С. Томпсон

Книга: Страв и гадење во Лас ВегасМоже да се каже дека книгава долго време беше на безбедна дистанца од мене, ја чував на горните полици од мојата имагинарна библиотека од книги кои морам да ги прочитам, но секогаш малку штрчеше, да ме предизвикува. Во меѓувреме се подготвував, читав критики, читав за Томпсон, гледав дури и по некој трејлер од филмот и сѐ на сѐ можеше да се каже дека знам што ме очекува кога конечно дојде во мои раце.

Леле колку згрешив! За оваа книга не може да се подготвите. Освен ако не сте доктор по новинарство кој со полн багажник разновидни наркотици во црвен кабриолет, со својот луд другар тргнува за Лас Вегас. Мислам дека дури ни тогаш.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Хантер С. Томпсон си го резервира своето место и тоа во предните седишта на арената на американската литература како основач на гонзо новинарството, репортажа во која новинарот се вклучува во приказната до тој степен што станува главниот лик во истата. „Страв и гадење во Лас Вегас“ е најдобар пример за овој доста критикуван правец којшто многумина не го ни признаваат и сметаат дека е само изговор и оправдување за налудничаво однесување. И веројатно не се многу далеку од вистината.

Раул Дјук (алтер его на Томпсон) е новинар кој треба да покрие репортажа во Лас Вегас за познатата трка на мотори Минт 400, но од не баш јасни причини, Дјук се решава да го искористи ова патување платено од новинарската куќа и да го брка Американскиот сон. Наводно, Американскиот сон бил да си под дејство на 3-4 различни наркотици одеднаш, додека возиш 200 км/час во пустина со твојот уште поиздрогиран пријател/адвокат, дишеш етер којшто испарува од подот на кабриолетот и халуцинираш дека си во земјата на лилјаците. Ова само во првите дваесеттина страни од книгата.

Книга: Страв и гадење во Лас Вегас

Кога конечно стигаат во Лас Вегас работите стануваат уште „поинтересни“ и го оправдуваат насловот на книгата. Лудиот микс од наркотици ги доведува до константна параноја која кулминира кога двајцата пријатели стануваат опасност за себе, меѓу себе и за сите околу себе. Краток момент на трезнење го тера Дјук да сфати колку далеку отишле работите и конечно трга на пат кон дома. И тогаш, единствениот вистински комичен момент во целата приказна: добива телеграма од својот уредник кој му вели дека не смее да го напушти Лас Вегас бидејќи треба да покрие национална конференција на јавни обвинители и да присуствува на четиридневен семинар за дроги и опасни наркотици. Ха!

Книгата оживува на големиот екран во 1997 година со Џони Деп и Бенисио дел Торо во главните улоги, а покрај во „Страв и гадење во Лас Вегас“, Деп повторно го глуми Томпсон во „Дневник на румот“. Како и книгите, филмовите се исто толку луди и култни истовремено.

Би сакала да верувам дека халуцинациите се дело на брилијантна имагинација, но јавна тајна е дека Томпсон целата книга ја има напишано врз основа на сопственото доживување. Всушност, не е ни тајна, човекот во бројни интервјуа отворено си зборувал за приказната. Сепак, помеѓу лудите ноќи во Лас Вегас, хорор халуцинациите, неповрзаните разговори и постојаните ситуации опасни по живот, нема да можете да ја оставите книгата. Можеби поради трошките надеж кои ги фрла повремено дека ги разбира последиците кои неминовно ќе го следат, свесноста дека по сопствен избор се претвора во животно без никаква самоконтрола а можеби и поради фактот дека ако некој преживеал вакво нешто, ретко кој би се осудил да пишува за истото. Некако, длабоко во себе, под сиот страв и гадење се замислувате дека му симнувате беж рибарски шешир и му честитате на храброста и лудоста.

Хантер С. Томпсон е роден на 18 јули 1937 година. Можеби ќе си славевме заедно роденден да не се застрелаше во 2005 година на 67 години. Човек кој доживеал 67 години, а го преживеал сето ова, сигурно ќе живееше барем уште девет. Е тоа ќе беше журка 🙂

„Можеби значеше нешто. Можеби не, на крајот… но никакво објаснување, никаков спој од зборови, музика или сеќавање не можат да го достигнат тоа чувство кога знаеш дека си бил жив тука, во тој агол од времето и светот. Што и да значи тоа…“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 9 јули 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар