Книга: „Расправа во тројка“ - Џулијан Барнс

Книга: „Расправа во тројка“ – Џулијан Барнс

Љубовен триаголник никогаш не е добра идеја. Ама секогаш е гаранција за добра книга.

(1) kniga-rasprava-vo-trojka-dzhulijan-barns-kafepauza.mkЉубовните романи секогаш ќе имаат своја публика, сите оние нежни, романтични души кои бараат трогателни приказни за вистински романси. Но, секогаш ќе има нежни и романтични души кои бараат нешто повеќе од трогателна приказна, бараат и малку возбуда. Е тука, книгите за љубовните триаголници и прељубата се прав погодок. Да бидам искрена, мене некако повеќе ме влече втората група (не осудувај) па „Расправа во тројка“ ме освои уште со кратката рецензија на задната корица. Џулијан Барнс е признаен и наградуван писател а неговите книги без разлика на тематиката, имаат некоја мрачна нишка која се провлекува низ случувањата, па во некои негови книги дури и ги уништува главните ликови.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Токму поради тоа, изненадувачка е лесната нота со која започнува „Расправа во тројка“, раскажувањето е лабаво и опуштено, а ликовите се отворени и искрени, секој во свој свет. Покрај главните Стјуарт, Оливер и Џилијан, во книгата доминира уште еден лик, авторот (или читателот, или некојси карактер безименко) на кој овие тројца му се отвораат и ги споделуваат најинтимните размислувања. Всушност, книгата се состои од наизменични раскажувања на истите ситуации, но од различна перспектива на тројцата ликови, секој со својата особеност и различно доживување на она што се случува околу него.

Приказната се врти околу двајцата најдобри пријатели Стјуарт и Оливер, сосема различни луѓе со различно однесување, образование, приоритети, па и очекувања од животот. Двајцата се толку различни што и самите нагласуваат дека ги разбираат луѓето кои се чудат како станале толку блиски. Стјуарт е срамежлив, одговорен, стабилен и прилично цврсто гази на земја. Оливер е целосна спротивност, отворен па дури и нападен тип кој обожува да биде во центарот на вниманието. Неговото мислење за самиот себе е неверојатно високо а останатите тоа лесно го забележуваат, особено кога се расфрла наоколу со латински фрази или пак со неговото познавање на вината и уметноста. Џилијан пак е скромна девојка која се заљубува во Стјуарт и сака едноставен и стабилен живот, по малку затворена и резервирана, па читателот на почеток има најмалку „интеракција“ со неа.

(2) kniga-rasprava-vo-trojka-dzhulijan-barns-kafepauza.mk

Запознавајќи ги постепено ликовите, сфаќате дека и кога не би ја прочитале кратката рецензија на задната корица од книгата, веднаш би знаеле од која насока доаѓа бурата која се спрема. Оливер, по малку невротичен тип, сфаќа дека е заљубен во Џилијан и оттогаш започнува неговиот план за да ја освои љубовта на неговиот живот кој за кратко време преминува во опсесија. Недозреан и егоистичен, мечтае за некоја алтернативна реалност во која сите се среќни и задоволни, а Џилијан е негова. Тука веќе ја насетувате мрачната нишка на Џулијан Барнс и некако ве надвладува чувството дека работите не може да завршат убаво за сите на крајот.

Динамиката на книгата е совршена. Никогаш не ве задржува на еден лик премногу долго и секогаш имате чувство дека навистина водите три различни разговори, поточно со тројца различни луѓе, но за истата работа. Како три различни другар/ки кои доаѓаат наизменично на кафе и раскажуваат една за друга (добро де, оговараат). Ликовите, без разлика дали е одговорниот и по малку досаден Стјуарт, неодоливо надмениот Оливер или пак Џилијан која некако постојано се наоѓа помеѓу два огна, ќе ги засакате и лесно ќе се поврзете со нив. Токму поради тоа, кога работите ќе почнат вртоглаво да одат во надолна линија, нема да можете да ја оставите книгата сѐ до последната страна.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 19 март 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Katerina Reply

    #СакамКнигаОдТРИ Katerina Joncevska

  2. Slagjana Spasenovska Reply

    #СакамКнигаОдТРИ Slagjana Spasenovska

Напиши одговор на Katerina Откажи одговор