Книга: „Јужно од границата, западно од сонцето“ – Харуки Мураками

Книга: „Јужно од границата, западно од сонцето“ – Харуки Мураками

Книга: „Јужно од границата, западно од сонцето“ - Харуки МуракамиКолку можеме да веруваме дека некој нè сака искрено? Колку можеме да си веруваме дека сакаме некого искрено? Бајките нè учеа на „хепи енд“, потоа Холивуд го презеде кормилото и ги спои сите „Ромео и Јулија“ на новото време додека истовремено постави практично неостварливи стандарди за една нормална, не совршена, туку нормална врска. Но, некогаш мораме да пораснеме и да откриеме дека љубовта има незамисливо многу димензии. „Јужно од границата, западно од сонцето“ е книга за возрасни луѓе, не поради експлицитност ниту вулгарност, туку поради зрелоста на делото и нијансите на човечките чувства кои се откриваат суптилно и со секоја прочитана страница.

Хајиме и Шимамото се најдобри пријатели уште од малечки и тоа благодарение на една „чудна“ работа којашто двајцата ги поврзува – тие се единци. Во општеството во коешто растат е невообичаено да се има само едно дете, па оние кои се растени без браќа и сестри ги сметаат за малку себични и незрели – предрасуди кои ќе го прогонуваат Хајиме цел живот и кои ќе го обојат делумно и неговиот карактер. Шимамото од друга страна, е повлечено и мирно девојче, но не поради глупавите осудувања туку поради фактот дека не може правилно да оди и поради тоа не може да ужива со своите пријатели во сите нормални детски активности. И двајцата си наоѓаат еден во друг сродна душа, стануваат најдобри пријатели, верно и срамежливо негувајќи ја искрата на прва детска љубов којашто почнуваат да ја чувствуваат – сè додека животните околности не ги разделат, и едниот се пресели во друг град.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Хајиме раскажува за годините по разделбата со најважната личност во неговиот живот и почнува да верува дека никогаш нема да биде вистински добра личност доколку Шимамото не е покрај него. Минувајќи низ типични тинејџерски фази Хајиме прави неколку погрешни одлуки, повредувајќи се себеси и луѓето околу себе. Во надеж дека токму факултетот и промената на средината и луѓето околу него ќе му помогне да се пронајде самиот себеси, Хајиме завршува уште поизгубен од претходно без никаква цел во животот. Постојано се прашува како би завршил кога не би ги напуштил и повредил бившите девојки, особено каков би бил кога покрај него би била Шимамото.

Но среќата му се насмевнува, Хајиме запознава нова, симпатична девојка, се заљубува и решава да го помине животот со неа, по малку поттикнат од фактот дека нејзиниот татко е исклучително успешен претприемач кој поседува неколку градежни фирми. Нормално, Хајиме се излекува од лошата работа, добива свој ноќен џез клуб, жена и две деца и изгледа дека конечно неговиот живот се движи во вистинска насока, сè додека една дождлива ноќ во неговиот џез клуб не се појави токму таа…

Тука започнуваат моментите на каење и страст, морални дилеми и погрешни одлуки, кога Хајиме конечно се соочува со фактот дека ја изгубил љубовта на својот живот многу одамна, а сега живее во чевлите на некој друг човек. Работите не се олеснети ни од целата мистерија која ја обвива Шимамото, која не открива ништо конкретно за својот живот, постојано исчезнува и повторно се враќа без никакви објаснувања.

Книга: „Јужно од границата, западно од сонцето“ - Харуки Мураками

Харуки Мураками е мајстор за истражување на човечката психа и колку и да е приказната банална, типична љубовна, не можеме да ги игнорираме емоциите кои ги истражува токму поради тоа што е толку лесно да ги пронајдеме сопствените емоции меѓу нив. Не верувам дека постои човек кој кога ја изразувал својата љубов не се замислил дали тоа „засекогаш“ или „вечно“ коешто го ветуваме е навистина безусловно. За мене Хајиме беше лик кој истовремено го обожавав и го мразев, кој ме воодушевуваше и изневеруваше со секоја наредна мисла, но во крајна линија и покрај погрешните одлуки, секогаш го разбирав. Од друга страна, книгата има и своја мистериозна нота, постојано сте во исчекување да се случи нешто крајно необично или необјасниво што пак ве тера да читате непрестајно и со огромно внимание.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

Делото се чита лесно, но со вистинско уживање и што е најважно честопати ќе ве натера да се преиспитате себеси. Топло ја препорачувам за сите оние кои никогаш не се плашат да ги истражат повторно и повторно длабочините на своите вистински чувства.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 10 декември 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар