Книга: „Девојката што си играше со оган“ – Стиг Ларсон

Книга: „Девојката што си играше со оган“ – Стиг Ларсон

Книга која може да ја читаат само оние со јак стомак, силна психа и кои не грицкаат нокти… Едно од најмаестралните дела некогаш напишани.
1-kniga-devojkata-shto-si-igrashe-so-ogan-stig-larson-kafepauza.mkНаша оцена: 10/10
Ваша оцена: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (17 гласа, просек: 10,00 од 10)
Loading...

Не сакам кога ги оставам работите недовршени или некомплетни. По некоја игра на случајности го прочитав првиот дел од серијалот „Милениум“, па продолжив со третиот. Сега се враќам на вториот со цел да го комплетирам целокупниот впечаток, и ако бидам малку искрена, да експериментирам. Книгите не се строго поврзани, но доколку сте во можност читајте ги по ред. По „Девојката со тетоважа на змеј“ можам слободно да кажам дека не сум веќе истата личност. Стиг Ларсон е еден гениј кој заслужува секакви почести и премногу е жалосно што не стигнал да го заврши четвртиот дел од серијалот, ниту пак да му се израдува на својот успех на глобално ниво.

Најчесто, да бидеме искрени, секое продолжениe по првиот успешен дел е бледа копија, залуден обид на писателот/режисерот да го повтори или надмине својот претходен успех. Продолженијата најчесто се нереално оценети поради впечатоците на читателот од првиот дел. Но, има исклучоци. „Девојката што си играше со оган“ е уште помаестрално, покомплексно и понапнато дело од првата книга. Доволно беше за мојата љубов кон серијалот, да бидам малку објективна.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Оние кои прочитале нешто од Милениум запознаени се со Лизбет Саландер, млада неверојатно интелигентна жена која поминала низ вистински ужаси во животот уште на кревки години. Нејзиниот изглед ни одблиску не ја кажува вистината за неа. Таа изгледа како кревка, слаба рокерка без грам мозок, а во суштина без проблем може да решава тестови од Менса. Неправедно е оценета од јавните служби како неспособна и не може сама да донесува одлуки за себе бидејќи ѝ е доделен старател. Сепак, Лизбет наоѓа решение да го држи под контрола гадот кој ѝ беше назначен за старател и тајно да поседува огромна сума пари како резултат од разрешувањето на аферата Венештрем заедно со новинарот Микаел Блумквист.

Микаел е возрасен маж, познат новинар кој крена прав со аферата Венештрем, искусен истражувач кој не се плаши да ја обелодени вистината и цврсто да им се спротивстави на корупцијата, насилството, неправедноста и шовинизмот. Микаел неретко потсетува на самиот автор Ларсон, и според мене Ларсон наголемо се пронаоѓал себеси во креирањето на овој фиктивен лик. Ќе го засакате Микаел бидејќи е феминист, бидејќи Даниел Крег го глумеше во филмот адаптиран според првиот дел и бидејќи е праведен.

2-kniga-devojkata-shto-si-igrashe-so-ogan-stig-larson-kafepauza.mk

Овој пат фокусот на книгата е ставен на трговијата со луѓе. Младиот новинар од „Милениум“ Даг, кој пишувал книга за трговијата со луѓе и неговата девојка Миа која само што не докторирала на истата тема, се грозоморно убиени во нивниот стан. Даг и Миа само што не откриле цела мрежа на макроа и корисници на нелегални сексуални услуги, меѓу кои се полицајци и угледни личности кои имаат многу што да изгубат кога нивните имиња би биле обелоденети. Иако голем е списокот на оние кои би ја посакале смртта на Даг и на Миа, Лизбет Саландер е главна осомничена бидејќи нејзините отпечатоци се најдени на оружјето со кое е извршено убиството.

Од Саландер ни трага ни глас. Микаел упорно пробува да ја пронајде и почнува и самиот да ја разрешува целата мистерија во обид да го најде вистинскиот убиец. Лизбет не е сама. Покрај Микаел на нејзина страна и во обид да најде докази ќе застане и нејзиниот поранешен шеф, Драган Армански од Милтон обезбедување.

За брзо по секој медиум почнува да врти слика од Саландер како личност по која е издадена потерница поради трократно убиство. Микаел знае дека Лизбет никогаш не би го сторила тоа, освен доколку има навистина силна причина и доколку нејзиниот живот бил во опасност. Но, зошто би ја убила младата двојка која се борела против она што Лизбет наголемо се залага – правата на жените?

Вториот дел од Милениум ни открива уште една мрачна тајна на подземјето во она што навидум е утопија. Овој пат подетално нè запознава со ужасното детство на Саландер и за „сето она зло“ што ѝ се случило кога имала само 12 години.

Книгава е неверојатно моќна. Лизбет е неверојатен карактер. На некој магичен начин ќе ја засакате оваа девојка која наизглед не е човек кој е лесно да се обожува без причина. Искрите романса и пријателство меѓу неа и Микаел ќе ве разнежнат. Без разлика што читате, крими-романи, љубовни или мистерии, ќе ви се допадне „Девојката што си играше со оган“, особено ако сте феминисти, во тој случај ќе биде вашата Библија.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 14 јануари 2015.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар