Книга: „Девојката што го урна осилото“ – Стиг Ларсон

Маестрален завршеток на најуспешната книжевна трилогија на денешницата кој мора да го прочитате

Книга: „Девојката што го урна осилото“ – Стиг ЛарсонНавидум не изгледам како личност која е љубител на крими-романи, но едно време ми беа омилени. По одреден период, во рака ми падна „Девојката со тетоважа на змеј“, и повторно во мене ги разбуди жарот, страста и возбудата што ги носат криминалистичките романи. Секако, после тоа неизбежно беше да се доживее и остатокот од најуспешната книжевна трилогија на денешницата.

Доколку сте љубители на оние книги кои ве чуваат будни до доцна во ноќта и не ве оставаат мирни додека не стигнете до крајот, тогаш последниот дел од трилогијата „Милениум“, мастер-делото на Стиг Ларсон, е вистинскиот избор за вас. Знаете, постојат здодевни книги, секој од нас дошол во блиска средба со многу такви. Може и да бидат кратки. По 100 или 200 страни, а никако да стигнете до крај од проста причина што не ви се чита од толку што се пасивни. Но има и такви кои иако имаат околу 600 страници, страниците така лесно ви прелетуваат низ прсти што кога ќе стигнете до крајот сакате уште. Книгата за која ви зборувам, спаѓа во втората група. Темпото на раскажување е просто неверојатно. Нема да ве остави да земете здив.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Лизбет Саландер уште како мала е сведок на неморалност, корумпираност и кршење на човековите права. Пред нејзините очи уште на млади и ранливи години се одвиваат нешта кои и зрел човек не би можел да ги поднесе. Но Лизбет е храбра. Без разлика колку ниски удари да ѝ подготви животот, таа е повторно на нозе подготвена да продолжи понатаму. Но, овој пат, обвинета за три убиства кои не ги извршила како и еден обид за убиство, сместена на интензивна нега, под строга лекарска контрола и со тукушто изваден куршум од главата, Лизбет и тоа како е спремна да се бори и да се одмазди. Можеби некогаш била жртва, но денес Лизбет е онаа која ќе ги казни злосторниците и ќе го урне осилото – група корумпирани злобници кои со години живееле слободно.

Но на Лизбет воопшто не ѝ е лесно. Нејзиниот татко, поранешниот руски шпион Залаченко, кој ѝ го уништи животот, е оддалечен на само две болнички соби од нејзината, а нејзиниот полубрат Нидерман, отпорен на секакви физички повреди ѝ е зад петици и спремен да го заврши она што го почна – нејзиното убиство.

Сепак Лизбет не е сама. На помош ѝ е стариот пријател, новинарот Микаел Блумквист, кој е подготвен да ги разоткрие злосторниците и корумпираните политичари. Неговиот брилијантен ум не мирува ниту миг и сега е поподготвен од кога и да е, да ја изнесе на виделина целата вистина за животот на Саландер. Покрај Блумквист, постои и мала група луѓе подготвени да ѝ помогнат на Саландер, меѓу кои адвокатката Џанини и сопственикот на Милтон обезбедување, Армански.

Книга: „Девојката што го урна осилото“ – Стиг Ларсон

Како ќе успее Лизбет да се одбрани и да ја докаже вистината кога за свои непријатели има големи и влијателни имиња? Како би успеала да дејствува кога е затворена во болничка соба и е во исчекување на својата затворска казна? Ќе успее ли Блумквист да ги зачува доказите за злоупотребата и прекршените човекови права на Лизбет, кога зад петици има врвни шпиони и убијци?

Феминистките го обожуваат Ларсон. Во повеќе наврати нему му е припишана титулата „човекот кој ги сакаше жените“. Познат по својата борба против расизмот, десничарскиот екстремизам и шовинизмот, Ларсон и во ова продолжение останува верен на истите мотиви, но најмногу фокусирајќи се на борбата против омаловажувањето на жената. Книгата е поделена на 4 дела плус епилог, а на почетокот на секој дел стои по едно кратко истражување и коментар за жените воини – амазонките.

Оние кои ги прочитале претходните два дела ја знаат приказната за Лизбет и Блумквист, што само значи дека знаат какво доживување ги чека. Останатите, имајте на ум дека книгите не се меѓусебно строго поврзани така што нема да ви биде скратено уживањето во „Девојката што го урна осилото“.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 12 март 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Mar Reply

    Дали на победниците им соопштувате на фб или на имаил ?

  2. Живка Јанева Reply

    #СакамКнигаОдТРИ

Остави коментар