Книга: „Царица“ – Шан Са

Приказна за единствената кинеска царица, најконтроверзната фигура во кинеската историја, која ќе ве одведе во дамнешни, далечни времиња и ќе ве маѓепса со едноставноста и длабочината.

Книга: „Царица“ – Шан Са

Наша оценка: 6
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (8 гласа, просек: 6.63 од 10)
Loading...Loading...

Магична, трогателна и храбра приказна за жената-воин, единствената кинеска царица, владетелка на небото и земјата. Овој роман е инспириран од историскиот лик на кинеската царица Ву, храбра, решителна, паметна и ексцентрична владетелка чија приказна ќе ве инспирира. Меѓу многуте историски ликови на жени кои освојувале царства се вбројува и протагонистот од овој роман на Шан Са, псевдоним на Јан Ни.

Од дете на номади, од царска конкубина, од калуѓерка со ќелава глава, до небесна царица која става цела империја на колена пред неа. Полна со себе, секогаш самоуверена, сепак, колку и да се бори и колку и да има моќ на земскиот свет, може ли да се избори со стареењето, смртта и стравот од заборав?


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ



„Јас бев Почеток, Извор на изворите. Бев идентитет, корен што ќе стане дрво на вековите што доаѓаат.“

По смртта на нејзиниот почитуван татко, една скромна девојка од династијата Ву, со име Светлина на Празнината, заедно со својата мајка и своите сестри, живее во семејниот клан каде се изложени на непочитување, омраза и презир и се предмет на потсмев. Но, судбината е чудна работа, па така оваа девојка ќе стане дел од гинецеумот каде живеат 10 илјади жени во служба на царот, жедни да станат негови миленици и да се издигнат на посакуваните позиции. Така Светлина станува сведок на ужасни злосторства, мрачни интриги, итри сплетки и немилосрдни планови.

Кога стариот цар умира, на престолот застанува неговиот син. Млад, невин, исплашен од големата одговорност, тој крај себе ја сака Светлина на Празнината, која некогаш му беше како сестра. Чувствувајќи грижа на совест што ќе му стане жена на синот на поранешниот цар во чија служба била, Светлина заминува во манастир за да ја исчисти својата душа од гревови. По години минати како калуѓерка со избричена глава, младиот цар конечно ја има за своја жена и ја крунисува за царица. Не ѝ треба многу време за да се ослободи од другите две жени кои исто така имаат место во царевото срце и станува сè посмела, посилна, поиздржлива за на крај да стане незапирлива.

По смртта на царот, таа станува врховна царица која се бори со своите непријатели, оние кои се обидуваат да ѝ заријат нож во грб. Ги задушува востанијата и бунтовите против неа уште пред да почнат, ги спојува небото и земјата по своја наредба, ја спасува својата земја од глад и работи на важни прашања решавајќи ги успешно државните проблеми. Облеана во раскош и убавина, сепак никогаш не спие мирно знаејќи дека многумина лесно би се осмелиле да ѝ наштетат.

Иако се сметало дека мешањето на жената во политиката е скандалозно исто колку кокошка што кукурига наместо петел, оваа кинеска царица со својата тактичност и цврст карактер, ќе ги погази сите сомнежи.

Книга: „Царица“ – Шан Са

„Во забранетиот град сите жени се само миризлив прав, независно од тоа дали се убави или грди, интелигентни или глупави, префинети или прости. Сите, без разлика, ги однесува виорот на историјата.“

Шан Са, доста смело создава свој свет и си дозволува толку интимно да навлезе во животот на единствената и голема кинеска царица, позајмувајќи ја нејзината улога и моќ. Напати едноставна, но истовремено и многу богата со детали, вкусови, мириси и текстури, оваа приказна ќе ве маѓепса со смело раскажување и отворена сексуалност, што за некои може да биде и премногу. Шан Са отворено ќе ви раскаже за авантурите на царицата со други жени и помлади мажи, но еротиката во литературата не е табу тема, напротив нешто што може да се издржи сè додека држи вода со убави и опитни нараторски средства.

Првиот дел од книгата е волшебен. Ќе седнете да видите за што се работи, да прочитате некоја страна, и пред да се свестите веќе сте прочитале 100 страници. Вториот дел на места е здодевен, што дава впечаток дека Шан Са чувствувала голем притисок, приморана да каже толку многу во еден роман. Па така, вториот дел од книгата во основа е нафрлање историски факти и имиња, сиромашно раскажување и со еден збор незадоволително за да се долови поентата – подоцнежниот период од животот на царицата.

„Јас сум божурот што се црвенее, дрвото што се ниша, ветрот што шумоли.

Јас сум стрмниот пат што ги води поклониците накај небесната врата.

Јас сум во зборовите, во повикувањата, во солзите.

Јас сум изгореница што прочистува, болка што обликува.

Јас минувам низ годишните времиња и блескам како ѕвезда.

Јас сум меланхоличната насмевка на луѓето.

Јас сум попустливата насмевка на Планината.

Јас сум загадочна насмевка на Оној што го врти Тркалото на вечноста.“

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до среда, 17 септември 2014.

Добитниците ќе бидат известени преку профилите на Кафе пауза на Фејсбук, Твитер и на Пинтерест.

Наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар