Книга: „Јас те сакам повеќе“ – Лиса Гарднер

„Јас си ја сакам ќерката“ – дали овие зборови се доволни за да ве убедат дека таа е добра мајка?

„Јас те сакам повеќе“ – Лиса Гарднер Наслов на оригиналот: Love you more – Lisa Gardner

Нејзината прва новела ја има објавено на 20 години, а ако се земе предвид дека работела на книгата 3 години и ја препишала од почеток 4 пати, може да се каже дека Лиса Гарднер била навистина упорен и неуморен тинејџер со јасна цел. Има објавено 27 новели, а наскоро ќе излезе и нејзиното последно дело „Watch & Go“,кое што како и сите претходни, читателите во преку 30 земји во светот го очекуваат со нетрпение.

За својата работа вели дека е напорна и бара многу истражувања, особено затоа што станува збор за крими новели со неверојатни заплети. Не сака да ги базира своите ликови врз реални личности бидејќи не би сакала да се соочи со некакви тужби, но затоа доста често добива инспирација за заплетите од вистински крими настани.

За тоа од каде ги добива идеите за бројните новели, освен секако од хоророт во вестите, вели дека ни сама не е сигурна, но среќна е што успева страшните сценарија кои ѝ паѓаат на памет да ги канализира во пишување книги. Наводно, да бидеш сериски убиец не било толку исплатливо како писател! Сигурни сме дека сите нејзини читатели, а и оние кои не слушнале за неа, се многу среќни поради нејзината одлука.

Јас те сакам повеќе - Лиса Гарднер

Синопсис

Случајот е јасен – Теса Леони, државен полицаец и единствена жена во нејзината касарна во Алстон Брајтон, мајка на шестогодишно девојче Софи и сопруга на насилен маж, кој го убива со своето службено оружје откако со години е жртва на домашно насилство. За детективите ДиДи Ворен и Боби Доџ ова е прилично едноставен и за жал чест случај кој би требало брзо да се разреши, но постојат два проблеми: ќерката е исчезната, а Теса е еден од најинтелигентните и најцврсти полицајци кои ја завршиле Академијата.

Зошто тогаш, паметна и цврста жена не би ја искористила приликата да побегне од својот маж за време на неговите патувања кои траеле со недели? Зошто при нападот веднаш го употребила својот пиштол наместо арсеналот од други оружја со кои како трениран полицаец веднаш би можела да го онеспособи наместо да го убие? Зошто не се обратила за помош кај нејзините колеги? И најважно од сè, каде е нејзината ќерка?

Неверојатен е правецот во кој се движат настаните во оваа фантастична новела, неизвесноста го следи читателот до крај, а сето она што го добивате како информација на почеток ве води во целосно погрешна насока. Но, читателите не се сами во борбата со мистериозниот случај, двајцата детективи се впуштаат во приказната која започнува со ранлива жена со модро око и потрес на мозок, а завршува со најхрабриот лик кој може да се појави во која било книга – мајка. А одговорот лежи во едно единствено прашање „Кого сакаш?“

Јас те сакам повеќе - Лиса Гарднер

Лична критика

Ова е втората книга којашто ја читам во овие неколку месеци, а вклучува жена-детектив како еден од главните ликови и изгубено девојче, и исто како и првата – Ангелски повик, буквално ме остави без здив и без спиење. Веќе еднаш споменав дека сакам приказни за жени-херои и можеби затоа толку и ми се допадна, но реално, со фантастичен лик како Теса Леони може да се поврзе секој, особено ако е родител. Она што најмногу ми остави впечаток е тоа што писателката успешно ја одржува неизвесноста докрај и ова е една од ретките книги во кои навистина не можеш веднаш да одлучиш кој е позитивецот, а кој е негативецот.

Без премногу развлекувања и непотребни описи, Лиса Гарднер ќе ве води од една неверојатна сцена во друга, длабоко навлегувајќи во суштинското прашање – „Колку далеку може да оди една мајка за своето дете?“ Ова е книга за пожртвуваност, пријателство, храброст, но пред сè љубов, и тоа безгранична. Добро изградените ликови и слоевитоста на приказната која навлегува во оние темни ќошиња на човечката психа, ја прават оваа книга еден од подобрите трилери кои ги имам прочитано.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. лавли Reply

    Прекрасна книга, ја прочитав пред некое време. Знае да задржи внимание

  2. Д Reply

    Книгава ќе ве тера да ја проголтувате, заразна е, нема да сакате да ја оставите од раце. Многу е неизвесна и возбудлива.

Остави коментар