Книга: „Ангелски повик“ – Гијом Мисо

Сподели
Сте помислиле ли на тоа што може да се случи доколку вашиот телефон заврши во погрешни раце? Колку се безбедни вашите тајни?

Наслов на оригиналот: L’аppel de l’ange – Guillaume Musso

Ангелски повик - Гијом МисоЕден од најпопуларните француски писатели денес, Гијом Мисо е автор на прекрасните новели „Дали ме чекаш?“, „А потоа…“, „Врати ми се“ и многу други, а неговите верни читатели со нетрпение ја очекуваат секоја наредна. Многу критичари велат дека Мисо го има измислено семејниот трилер, неговите книги се комбинација од мистерија, акција и секако романса.

Најголемиот дел од своето детство го минувал меѓу книгите во локалната библиотеката каде што работела неговата мајка и уште како малечок имал огромна желба да пишува. На 19 години поминал неколку месеци во Њујорк, а фасцинираноста од градот може и ден-денес да се почувствува во неговите книги.

Откако се вратил во Франција дипломирал економија, се вработил како професор и не ја напуштил оваа професија никогаш иако веќе долго време сериозно се занимава со пишување.

Како и секој голем писател, личното искуство е она што го направило да биде толку добар во својата работа. Преживувајќи сообраќајна несреќа Мисо почнал да се интересира за искуства блиски до смртта и всушност така настанала неговата фасцинантна новела „А потоа…“ којашто доживеа и своја филмска адаптација во јануари, 2009 година.

Ангелски повик - Гијом Мисо

Синопсис

Книгата има интересна структура, Мисо постојано го префрла читателот помеѓу целосно одвоените животи на главните ликови, постепено воведувајќи го во нивното секојдневие кое, како што се вртат страниците, станува сè понеобично.

Самата приказна започнува со непријатна случка на аеродромот „Кенеди“ една недела пред Божиќ, кога во целата таа мешаница од патници и багаж, буквално се удираат еден во друг Маделин и Жонатан, главните протагонисти во оваа новела, и по грешка си ги менуваат телефоните. Кога и двајцата ќе забележат дека телефонот којшто го имаат не е нивниот, веќе се илјадници километри оддалечени и тогаш започнува играта на мачка и глушец. Иако добрите манири не им дозволуваат да претураат по туѓи телефони, сепак и двајцата нема да одолеат да дознаат нешто повеќе еден за друг. А штом почнат да копаат по туѓото минато сфаќаат дека иако се навидум целосни странци кои никогаш претходно не се сретнале, сепак постои нешто коешто двајцата нераскинливо ги поврзува.

Она што започнува како лесна романса поради ненамерно менување на телефоните се претвора во трилер којшто буквално нема да дозволи да се одвоите од книгата. Како една инспекторка од полициската станица во Читам Бриџ, Манчестер завршува како цвеќарка во Париз? Како еден француски готвач на врвот на својата кариера завршува со мал, анонимен локал во Сан Франциско? Која е Алис? Сите овие прашања имаат неверојатни одговори испреплетени во прекрасна приказна.

Книгата има превод на македонски, ама морам да споменам дека не е баш најдобар.

Ангелски повик - Гијом Мисо

Лична критика

Она што ми се допаѓа кај книгите на Мисо е тоа што секогаш успева да ме изненади. Неговите завршници одат до границите на невозможното, но сепак успева на некој начин сето тоа да го склопи во интересна содржина. Неколку пати, додека ги вртев страниците, се запрашав кои се шансите за сè ова да се случи, но потоа сфатив дека тоа е суштината на книгата. Колку и да е невозможно две приказни да се спојат во една, колку и да е неверојатно двајца ликови како Маделин и Жонатан да се поврзат, едноставно постојат битија на кои им е судено да се сретнат. Иако и не верувам баш во судбина, сепак одвреме-навреме убаво е да се помисли на тоа дека сите ние сме на некој начин поврзани, сите имаме минато коешто нè следи и кога-тогаш животот може да нè натера да седнеме еден до друг и засекогаш да нè спои.

Понекогаш не сме свесни за тоа колку одлуките коишто ги носиме влијаат на другите луѓе, дури и оние кои не ги познаваме. Оваа книга ќе ве потсети на тоа дека никогаш не знаеме кој и што нè чека зад следниот агол, ниту пак како ќе ни го промени животот, а уште помалку како ние можеме да влијаеме врз нечиј живот.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. nina Reply

    ја прочитав и искрено од сите до сега што сум ги читала од Г.М. (а сите ги имам прочитано)-оваа книга највеке ми остави впечаток. Слушам сега ке излегува нова со превод кај нас…

Остави коментар