Завет (The Vow)

Филм за моментите кои можат засекогаш да го променат текот на животот

Завет (The Vow)Режија: Мајкл Сакси

Улоги: Рејчел Мекадамс, Ченинг Тејтум, Скот Спидман, Сем Нил, Џесика Ланг

Времетраење: 104 минути

Јазик: англиски

Премиера: 10 февруари 2012

Жанр: романса, драма

Наша оценка: 7/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (45 гласа, просек: 9.31 од 10)

Loading...Loading...


Откако ќе го изгледате овој филм ќе си помислите дека е базиран на некој од романите на Николас Спаркс, но всушност се работи за книгата „Завет“ (The Vow) напишана од брачниот пар Ким и  Крикит Карпентер кои во неа ја раскажуваат својата животна приказна. Во 1993 година, десет недели по нивната венчавка, тие двајцата доживеале ужасна сообраќајна несреќа. Ким поминал со лесни повреди, но Крикит останала четири месеци во кома. Кога се разбудила не се сеќавала на периодот во кој била во врска со својот сегашен сопруг, ниту на венчавката. Од тој момент лудо вљубениот Ким започнал нова борба за освојување на срцето на својата сопруга. Денес живеат во среќен брак. Заслугите ги припишуваат на заветите кои си ги дале на венчавката.

Свесни за сличноста со романтичните новели на Спаркс и нивните успешни екранизации, холивудските продуценти направиле интересен спој на актери. Ликот на Пејџ го глуми Рејчел Мекадамс, која се појави како Али во „Страници на нашата љубов“ (The Notebook), а Лео го игра Ченинг Тејтум кој порано сме го виделе како Џон во „Драги Џон“ (Dear John). И повторно, Мекадамс е девојката од соништата која се љуби цел живот, а Тејтум е мажот за кој вреди таа да се откаже од сè и да го помине остатокот од животот со него.

Очигледно дека веќе испробаниот рецепт дава резултат, па крајниот продукт е 104 минути исполнети со романтични сцени кои изобилуваат со нежност и беспоштедна борба во име на љубовта.



Приказна: Лео и Пејџ се лудо вљубена двојка која штотуку стапила во брак. Таа привршува со студиите на Институтот за уметност, откако го оставила дотогашниот живот зад себе. Не можела да го поднесе фактот што нејзините родители ѝ наметнуваат стегнат стил на живот, нејзиното дотогашно момче и неинтересниот правен факултет. Си заминала од дома, го сретнала Лео, сопственик на музичко студио, се вљубила, а потоа и се омажила за него.Завет (The Vow)Завет (The Vow)Една ноќ тие двајцата ќе доживеат тешка сообраќајна несреќа. Лео ќе помине со полесни повреди, но Пејџ сериозно ќе настрада. Оштетувањата на мозокот ќе предизвикаат губење на меморијата од последните неколку години. Таа нема да се сеќава на својот сопруг, на романсата со него, ниту на нивната венчавка.

„Животот е составен од моменти кои се судираат меѓу себе и засекогаш ги менуваат нашите животи. Но, што ако еден ден не можеш да се сетиш на нив?“ – Лео

Завет (The Vow)Завет (The Vow)Лео ќе се најде во многу непријатна ситуација, која понатаму само ќе се влошува. Ќе даде сè од себе за да ја потсети Пејџ на нештата кои ги заборавила. Ќе ја однесе во станот каде што живееле, на местата каде што излегувале, на местата за кои ги врзуваат спомени… но тоа нема да му донесе ништо. Таа ќе се врати на својот поранешен начин на живот. Ќе се пресели кај родителите, времето ќе го поминува со старите пријатели, повторно ќе се запише на правен факултет, а ќе се сретне и со поранешното момче Џереми чудејќи се зошто не се сè уште во врска.Завет (The Vow)Завет (The Vow)Во меѓувреме состојбата со меморијата на Пејџ никако не се подобрува. Лео делува загубено, но силната љубов нема да му дозволи да ја загуби надежта и ќе продолжи да се бори за одново да го освои нејзиното срце.Завет (The Vow)Завет (The Vow)Кога и како да го гледате: „Завет“ е филм кој се врти околу митот за совршена љубов во еден несекојдневен сплет на околности. Кога на тоа ќе се додаде приказната за девојка која живеела стегнат живот според строго дефинирани правила, од кој се откажала за да живее слободен уметнички живот и е вљубена во уметник, јасно е дека филмот е идеална можност за привремено бегство од реалноста. Тој пред сè е наменет за женската публика, но не е премногу „лигав“ за да не можат да го гледаат и машките. Можете да го гледате сами или во друштво на љубители на овој жанр во кое било време резервирано за релаксација.

Завет (The Vow)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар