Зајачка дупка (Rabbit Hole)

Филм за загубата и за тоа како понатаму откако ќе ви се случи најстрашното. Што откако сите грижливи пријатели ќе си заминат дома и ќе останете сами со своите мисли?

Зајачка дупка (Rabbit hole)Режија: Џон Камерон Мичел

Сценарио: Дејвид Линдзи-Абаир

Улоги: Никол Кидман, Арон Екхарт, Даен Вест,
Сандра Ох

Времетраење: 91 минута

Јазик: англиски

Жанр: драма

Официјален веб-сајт

Наша оценка: 8/10

__________________________________________________________________________________________
Ретки се оние филмови кои како да не се направени само за да не забавуваат, туку и за да ни помогнат, кои ни делуваат како психијатар – ни носат катарза, не прават да се чувствуваме помалку луди или чудни во овој свет или ни ја намалуваат тежината на сопствените чувства и мисли. И покрај тоа што е одлично изведено кинематографско парче, главниот адут на „Зајачка дупка” е во тоа што како да сака да не стави на психијатрискиот кауч и да не праша „И, како се чувствуваш ти во врска со тоа?”. Иако фокусот на филмот е
најстрашното нешто за секој родител – загубата на сопственото дете, во основа „Зајачка дупка” поставува прашања вредни за размислување. Сепак, од овој филм не очекувајте некаков одговор, најверојатно затоа што и во реалноста не постои само еден, за секој човек е различен.
_________________________________________________________________________________________

Приказна: Бека и Хауви се среќен брачен пар кој целосно се губи по смртта на нивниот 4-годишен син, Дени. Иако целата филмска приказна започнува откако Дени е починат, гледачот е апсолутно сигурен дека претходно тие биле идилично мало семејство затворено во својот сопствен мал универзум на совршени слики. Но сега не останува ништо освен сопствените чувства, тага, јад. Не постои збор кој што може да помогне, ниту пак во филмот има прекршен момент кој магично им ги прави животите на Бека и Хауви подобри…Зајачка дупка (Rabbit hole)Никол Кидман како и секогаш нежно и женствено, но и доволно драматично, темно и напатено ја претставува Бека. Нејзиниот начин на соочување со тагата можеби не е вообичаен, таа има кратки средби со тинејџерот кој случајно го прегазил нејзиниот син, но кој тука може да суди што е правилно, а што не. Нема точно време кога некој ќе престане да тагува, нема ни точно време кога некој повторно ќе посака секс, друго дете…Зајачка дупка (Rabbit hole)На маестралната Кидман (за среќа) сосема достојно и издржано ѝ парира Арон Екхарт, чиј лик Хауви е повеќе свртен кон игнорирањето на тоа што се случува и со опкружување на себеси со секојдневните случувања, со она што треба (а не сака) да се направи… Од друга страна, туку е и мајката на Бека, Нет која низ играта на одличната Даен Вест ја доживуваме како вистинска поддршка, доволно нежна и подготвена да ги прими сите твои „го*на” за да ти е подобро, но и доволно реална за понекогаш да ги каже работите в лице. Овој филм не е за обвинувањата на кого било, за потрага по правдата, за прашањата зошто и како, туку за тагата и за неоспорниот факт дека после некои настани тагата повеќе или помалку останува, независно што и да направиме.Зајачка дупка (Rabbit hole)Кинематографија: И музиката и кадрите се и мачни и тажни како што треба да бидат во филм за пар кој се соочува со смртта на сопственото дете. Ако „Зајачка дупка” го начекате на некој телевизиски канал и притоа не знаете за кој филм станува збор, прво што ќе помислите е дека сигурно тука се случило нешто страшно. Нема дилема, атмосферата на неподнослива тишина едноставно протекува од секоја секвенца на филмот.Зајачка дупка (Rabbit hole)Кога и како да го гледате: Сепак „Зајачка дупка” е филм за домашна атмосфера, така полесно и поубаво се гледа. Можете и сами, а и во друштво. И покрај тематиката не очекувајте дека ќе пуштите солзи. Да, темата е можеби тешка, но обработена е реално и без никакви претензии од гледачот да испровоцира сожалување и евтини емоции. „Зајачка дупка” ги прикажува работите точно како што се – откако ќе завршат прегратките останувате сами и треба да се снајдете со чувствата, а тогаш не е потребно сожалување, тогаш немате потреба некој да ве гледа со солзи во очите.Зајачка дупка (Rabbit hole)

За авторот

Поврзани содржини

Остави коментар