ТВ серија: Постоење (Extant)

Таа била 13 месеци на соло мисија во вселената, но не се вратила сама…

ТВ серија: Постоење (Extant)Главни улоги: Хали Бери, Хиројуки Санада, Горан Вишниќ, Пирс Гагнон

Жанр: драма, научна фантастика, трилер

Креатор: Мики Фишер

Продуцент: Стивен Спилберг

Премиера: 9 јули 2014

Број на сезони: 1

Времетраење: 42 минути

Јазик: англиски

Наша оценка: 8

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (9 гласа, просек: 9.22 од 10)

Loading...Loading...

Стивен Спилберг повторно пријатно ги изненадува љубителите на научната фантастика со нова мини серија за младата астронаутка Моли Вудс (Хали Бери). Таа е научник на која ѝ била одобрена 13-месечна соло мисија на вселенската станица Серафим каде што ќе може да спроведе низа експерименти со црви. Но, и покрај тоа што нејзиниот единствен соговорник бил компјутерот Бен, откако ќе се врати на Земјата таа ќе открие дека е бремена. Ова откритие е неверојатно не само поради тоа што таа била сама 13 месеци во вселената, туку и поради фактот што Моли не може да има деца.

ТВ серија: Постоење (Extant)

Моли и нејзиниот сопруг Џон (Горан Вишниќ) долго време се обидувале да имаат деца, но неуспешно. Токму затоа тој одлучил да го прошират нивното семејство на малку поинаков начин. Џон е научник кој ја истражува вештачката интелигенција и кој успеал да создаде андроид, Итан (Пирс Гагнон), на кој му било потребно семејство со цел да може да расте и да се развива на истиот начин како луѓето. Неговата идеја е да создаде робот кој е толку сличен на човекот, што ќе може сам да учи и нема да има потреба од кодовите кои луѓето во овој момент ги пишуваат за нивните програми.

ТВ серија: Постоење (Extant) ТВ серија: Постоење (Extant)

По слетувањето на Моли, работите се малку тензични помеѓу неа Џон и Итан и тајната за нејзината бременост воопшто не помага во враќањето на онаа природно опуштена средина која владеела помеѓу нив пред таа да отиде во вселената. Таа забележува многу разлики во однесувањето на Итан, но и во односот помеѓу неа и Џон. Нејзината најдобра пријателка, Сем (Кемрон Менхајм) која воедно е и докторка во агенцијата каде што Моли работи, ќе ѝ објасни дека покрај бременоста, нејзиниот мозок покажува чудна активност која може да е причина за нејзината параноја. Загрижена за неа, Сем ѝ вели дека мора да го предаде извештајот за нејзината состојба што побрзо за таа да може да добие соодветна нега, но Моли ја замолува да ги чува овие информации во тајност барем на кратко додека се обиде да открие што точно се случува со неа.

ТВ серија: Постоење (Extant) ТВ серија: Постоење (Extant)

Доколку решите да ја гледате оваа ТВ серија, ви гарантираме дека едноставно нема да можете да престанете. Приказната се развива полека, но на интересен начин, паралелно покажувајќи ви ја и сегашноста и минатото. Но, она што е најинтересно е дека секоја нова епизода ви носи сè повеќе и повеќе прашања за таткото на бебето на Моли, а токму ова ќе ви ја инспирира фантазијата и ќе ве натера сами да се обидувате да замислите каков би бил изгледот на ова вонземјанче. И покрај тоа што таа е центарот на приказната, постојат уште многу мистерии поврзани со Џон, неговите соработници, како и со Итан кои успешно ќе го задржат вашето внимание во текот на целата сезона. Накратко, доколку сте љубители на работата на Стивен Спилберг, оваа ТВ серија без сомнение ќе ви се допадне.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар