Одлични криминалистички ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Одлични криминалистички ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Одвреме-навреме сите посакуваме да почнеме со гледање на некоја криминалистичка ТВ серија, бидејќи сакаме малку да избегаме од секојдневните реални настани. Но, изборот е преголем и доколку некогаш решите да побарате предлози од пријателите – најчесто се случува сите да ви препорачаат нешто сосема различно и уште повеќе да ви го отежнат изборот… Поради тоа составивме листа која ги содржи оние кои се издвојуваат по својата содржина, како и по ликовите од сите „класични“ и добро познати криминалистички
серии:

1. Коски (Bones)

Одлични криминални ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Коски“ е ТВ серија инспирирана од животот на форензичкиот антрополог Кaти Ричс. Главните улоги им припаѓаат на Емили Дешанел (Темперанс Бренан) и Дејвид Бореанз (Сили Бут).

Приказна: Брилијантната, но асоцијална д-р Темперанс Бренан има свој тим во Институтот Џеферсонијан, Вашингтон. Тие работат на убиства каде што жртвите не можат да бидат идентификувани по стандардните методи. Бренан работи со коските на жртвите, преку кои на уникатен начин дознава која била причината за смртта.

Највозбудливиот дел според фановите на оваа ТВ серија е односот кој таа го има со нејзиниот партнер, специјалниот агент од ФБИ – Сили Бут. Емпиричниот, буквалниот и целосно реален поглед кон светот на Бренан, често е во конфликт со емотивниот и интуитивниот пристап на Бут создавајќи лесно избувлив однос помеѓу нив. Но, како што се зголемува бројот на нивните заеднички случаи, работите полека почнуваат да се променуваат…

Дали да почнете да ја гледате?

Во секоја епизода има доста реално прикажани жртви, кои најчесто се пронаоѓаат во многу лоша состојба. Анализата на телата кои ги вршат во Институтот честопати се малку непријатни за гледање и дефинитивно нема да им се допаднат на оние кои не сакаат да гледаат многу крв или друг вид на човечки остатоци… Но, ако ви се допаѓаат криминални предизвици и непредвидливи ситуации, како и невообичаена љубовна приказна – оваа серија е совршена за вас.

2. Криминални умови (Criminal Minds)

Одлични криминални ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Криминални умови“ е ТВ серија инспирирана од најстрашните случаи на сериски убиства во Америка. Главните улоги им припаѓаат на Томас Гибсон (Арон Хочнер), Метју Греј Гублер (д-р Спенсер Рид), Шимар Мур (Дерек Морган), Еј Џеј Кук (Џенифер „Џеј Џеј“ Џероу), Кристен Вагнес (Пенелопи Гарсија) и Џоу Мантенја (Дејвид Роси).

Приказна: Во Квантико, Вирџинија се наоѓа единицата за анализа на однесувањето, која е дел од ФБИ. Тие се елитна група на агенти кои прават профили на најстрашните криминални умови во државата. Сите припадници на тимот се многу блиски и тоа е една од уникатните карактеристики според кои се одликува оваа ТВ серија. Покрај случаите, со секоја епизода дознавате и нешто повеќе за ликовите и како тие успеваат да се снајдат во секојдневниот „нормален“ живот после соочување со најопасните „чудовишта“ на работа.

Дали да почнете да ја гледате?

Случаите кои се обработуваат во оваа ТВ серија се многу тешки за гледање. Од вас се бара постојано активно да ги следите настаните, кои често знаат да бидат многу потресувачки. Најголемите обожаватели на „Криминални умови“ велат дека одредени епизоди знаат психички да ги изморат, но доколку сакате несекојдневни и интензивни психолошки предизвици или пак да дознаете нешто повеќе за мотивите и размислувањата на сериските убијци – оваа серија е одлична за вас…

3. Касл (Castle)

Одлични криминални ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Касл“ е писател кој по сплет на околности ќе почне да работи со полицијата. Главните улоги им припаѓаат на Нејтан Филион (Ричард Касл) и Стана Катиќ (Кејт Бекет).

Приказна: Откако еден сериски убиец ќе ги имитира заплетите од неговите книги, Касл ќе добие дозвола од градоначалникот на Њујорк (кој е голем фан на неговите книги) да го следи тимот одговорен за убиствата во градот за истражувачки цели. Тој со своите шеги и интересни досетки брзо ќе стане број 1 помеѓу машкиот дел од тимот, но не и кај водачот на тимот – детективката Кејт Бекет. Но, и покрај тоа што таа нема никогаш да признае, тој полека ќе почне да ја освојува со неговиот иновативен пристап кон решавање на убиствата.

Дали да почнете да ја гледате?

Случаите во оваа ТВ серија се уникатни и многу интересни. Тие се нешто сосема ново од тоа што досега сме го гледале во криминалните серии и филмови. Додека ги гледате епизодите буквално ќе се чувствувате како да читате книга. Фановите велат дека „Касл“ е многу лесна и забавна ТВ серија која со сигурност ќе ве одмори и расположи.

4. Нејви (NCIS)

Одлични криминални ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

NCIS (Naval Criminal Investigative Service)“ ги истражува сите случаи на убиства каде што жртвата е припадник на морнарицата како и одредени терористички ситуации. Главните улоги ги толкуваат Марк Хармон (Лирој Џетро Гибс), Мајкл Ветерли (Ентони Динозо), Кот Де Пабло (Зива Давид), Шон Мјури (Тимоти Мекги), Поли Перет (Аби Шуто) и Дејвид Мекалум (Доналд Малард).

Приказна: Специјалниот агент Гибс е водач на тимот за брз одговор на големи случаи во Вашингтон. Тој е бивши маринец, кој е одличен истражувач и е многу вешт во салата за испитување на осомничени. Гибс се води по својот инстинкт „во стомакот“ на кој му верува исто колку и на физичките докази. Неговите уникатни начини на водење на тимот прават оваа серија целосно да се издвојува од сите останати. Тимот е составен од многу различни карактери кои совршено функционираат како целина.

Дали да почнете да ја гледате?

Одлична истражувачка серија исполнета со многу акција, чувства и хумор. Секој глумец совршено одговара на својата улога и поради тоа изгледа како тие воопшто и да не глумат. Доколку сте расположени за сериозна криминална ТВ серија која обработува доста реални случаи – „Нејви“ е совршениот избор за вас.

5. Нејви: Лос Анџелес (NCIS: Los Angeles)

Одлични криминални ТВ серии кои се издвојуваат од останатите

Нејви: Лос Анџелес“ на прв поглед можеби и многу наликува на оригиналната „Нејви“. Но, ако подобро ја погледнете ќе видите дека станува збор за нешто сосема различно… Главните улоги им припаѓаат на Крис Одонел (Г. Кален), Ел Ел Кул Џеј (Сем Хана) и Даниела Руа (Кензи Блај).

Приказна: Хенриета „Хети“ Ланг (Линда Хант) е водачот на тим кој е одговорен за посебни проекти поврзани со најтешките случаи во Лос Анџелес каде што многу често од агентите се бара да работат „тајно“ на случаите. Во неколку епизоди ликовите од оригиналната „Нејви“ се појавуваат како засилување… Различноста на ликовите и тука многу добро се забележува, но тоа што ја прави оваа серија да се издвојува е пристапот со кој тимот доаѓа до решението.

Дали да почнете да ја гледате?

Сериозноста и реалноста на случаите кои се обработуваат во оваа серија е на исто ниво како и во оригиналната „Нејви“. Но, доколку повеќе сакате ситуации со тајни агенти, псевдоними и инфилтрирање во различни организации, тогаш „Нејви: Лос Анџелес“ е вашиот совршен избор.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

  1. Штанглица Reply

    Dexter 🙂

  2. Име Reply

    The killing … najdobrata serija do sega …

  3. ivanchulka Reply

    Criminal Minds, ednostavno naaaaaaajdobra serija shto postoiiiiiiiiiii, postoela i kje postoi 😀 psiholoshki e najjaka i da malkuu iscrpuva, no vredna za gledanje, Bones isto e prekrasna serija edna od omilenite iako ima mnogu latinski iminja, ii Castle e bash zabavna kriminalna serija

  4. #youknowigotit Reply

    The 100

  5. Vesna Reply

    Zdravo,
    Ja sledam serijata Kasl i edna popravka za vas, imeto na glavnata akterka e Stana Katic ,po poteklo e srbinka i vo devedesetite godini se ima preseleno so familijata

    • Моника Трајковска Reply

      Здраво Весна,

      Ти благодариме за забелешката, поправено е.

Остави коментар