Филм: Затвореници (Prisoners)

Дали е дозволено да се биде поголем ѓавол од ѓаволот во име на доброто?

Филм: Затвореници (Prisoners)Режија: Денис Вилнев

Улоги: Хју Џекмен, Џејк Гиленхал, Мелиса Лио, Вајола Дејвис

Времетраење: 153 минути

Јазик: англиски

Премиера: 20 септември 2013

Жанр: крими трилер, драма

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (23 гласа, просек: 9.39 од 10)

Loading...Loading...

„Затвореници“ е крими трилер кој драстично отскокнува по квалитетот од другите холивудски филмови кои му припаѓаат на овој жанр. Не само што располага со извонредна тензија низ буквално целото дејство, туку истражува и некои морални теми, што денес ретко може да се види.

Филм: Затвореници (Prisoners)

Воведот во кој се запознаваме со идиличниот живот на две среќни семејства е краток. Трае сè до моментот кога по заедничката вечера на денот на благодарноста ќе исчезнат Ана и Џој, двете најмали ќерки од двете семејства. Родителите почнуваат панично да ги бараат, а од нив нема никаква трага, небаре земјата ги голтнала. Уште во овој дел се чувствува колку е добар филмот. За гледачот тука веќе е лесно да се соживее со дејството преку маестрално одиграните улоги и да ја почувствува паниката на родителите која полека се претвора во тешко издржлива болка.

Филм: Затвореници (Prisoners)

Тие добиваат трошка надеж кога ќе биде пронајден еден туѓинец кој во моментот на исчезнувањето на девојчињата бил паркиран со своето комбе токму пред нивната куќа. Полицијата брзо го пронаоѓа, но детективот Локи (Џејк Гиленхал) нема друг избор освен да го пушти, затоа што неговиот интелектуален развој одговара на десетгодишно дете и изгледа неверојатно дека тој можел да стори такво нешто.

Филм: Затвореници (Prisoners)

Оттогаш Келер Довер (Хју Џекмен), татко на едно од девојчињата решава да ги земе работите во свои раце и сам да ја бара ќерка си. Затвореник на својата избезуменост и очај, се одлучува на потези кои не гарантираат добра завршница, но кои истовремено наметнуваат многу етички прашања. Покрај останатите квалитети, тоа е она што „Затвореници“ го прави посебен. Истражува до каде може да оди еден родител за да го спаси своето дете, колку е дозволено да биде лош при тоа и дали му е дозволено да биде поголем ѓавол од ѓаволот во име на доброто.

Филм: Затвореници (Prisoners)

Ова можеби ве потсетува на „Грабната“ (Taken) во кој таткото на суперхеројски начин се справуваше со никаквиците, но не може да сте подалеку од вистината. Иако Хју Џекмен се појавува во, типична за него, мажествена улога, неговиот лик е човек од крв, месо и душа. Овој филм ја поседува типичната тензија за добрите холивудски крими трилери, но истовремено има и своја драматична страна која поставува етички прашања како што тоа обично го прават филмовите кои доаѓаат од северот на Европа. Не колебајте се, ова ќе бидат возбудливи 153 минути кои ќе ви остават силен впечаток.

Филм: Затвореници (Prisoners)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар