Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)

Америка не е држава. Таа е само бизнис.

Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)Режија: Ендрју Доминик

Улоги: Бред Пит, Скот МекНејри, Џејмс Гандолфини, Реј Лиота

Времетраење: 97 минути

Јазик: англиски

Премиера: 30 ноември 2012

Жанр: крими трилер

Наша оценка: 7/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (10 гласа, просек: 9.50 од 10)

Loading...Loading...

„Убивајќи ги нежно“ е крими трилер базиран според книга од истиот жанр која раскажува обична приказна за нелегално коцкање и грабеж, но режисерот Ендрју Доминик во неа видел нешто друго. Го адаптирал сценариото додека светската финансиска криза била во полн ек, па под влијание на случувањата во неа видел приказна за економска криза во економија базирана на коцкање во која не се почитуваат никакви правила. На крај, својата идеја за филм ја конципирал како обид преку борбите во криминалните кругови да ги прикаже состојбите пред и за време на кризата.Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)Во него локалниот мафијаш Марки Тратман (Реј Лиота) во своите простории организира нелегално коцкање за другите локални мафијаши. Свесен дека во тие четири ѕида кружи огромна сума пари од која само дел му припаѓа нему, решава да ангажира двајца луѓе со кои ќе симулира грабеж, ќе им ги земе сите пари без никој да знае за тоа. Операцијата ја изведува успешно, никој не се сомнева во него сè додека една вечер на неколкумина пријатели, исто така криминалци, не им признае дека тој стои зад тој голем грабеж. Поминува без последици поради тоа што присутните во собата не биле оштетени таа вечер, но повеќемина дознаваат за тоа.Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)Информацијата допира и до локалниот криминалец Џон Амато (Винсент Куратола), кому му доаѓа идеја да најми двајца млади луѓе со цел да организира ист таков грабеж. Тројцата сметаат дека сомнежите ќе бидат насочени кон Марки Тратман, а тие на мира ќе си ги трошат парите. Ќе го извршат грабежот, секој ќе замине на своја страна, но мафијата нема да седи со скрстени раце. Еден од нив го најмува платеникот Џеки Коган (Бред Пит), кој треба да го елиминира оној кој ги ограбил. Тој е доволно искусен во работата и не се сомнева во Марки, сметајќи дека не би направил такво нешто по втор пат, и ќе се впушти во потрага по вистинските виновници.Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)Овие случувања ќе ги поврзете со светската финансиска криза со помош на познати политичари. Барак Обама, Џорџ Буш и други редовно ќе ве потсетуваат дека начинот на кој се одвива кризата во наводно некриминалниот свет е многу сличен со тековите во мафијашките кругови. Низ дејството се уфрлени повеќе нивни говори во кои зборуваат за кризата и за тоа што е потребно за да се излезе од неа, а секој од нив е даден во точно определен тајминг согласно со случувањата во криминалниот свет од филмот со цел да ја долови оваа поента.Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)Сето тоа може да звучи како многу мудро сценарио и можност за извонреден филм, но за жал „Убивајќи ги нежно“ остава впечаток како на приказната да ѝ фали нешто или како да не е доработена до крај. Приказната за ограбувачите и платеникот сама по себе може да биде едноставна и не премногу интересна, па затоа е неопходно да се поврзе со зборовите на политичарите за да се сфати вистинската димензија на филмот. Инаку тој може да стане по малку неразбирлив и да не се сфати поентата, а без неа филмот тешко ќе ве импресионира. Не е за сечиј вкус, но ако ве интересираат вакви приказни тогаш сигурно ќе ве забавува во ноќите резервирани за филм.

„Пријателе, Томас Џеферсон е светец затоа што ги има напишано зборовите ‘Сите луѓе се еднакви’, зборови во кои очигледно не веруваше затоа што дозволи децата да му живеат во ропство. Тој е богат, бел сноб на кого му беше преку глава да им плаќа данок на Британците. Е, да, напиша некои убави зборови кои ја разбудија толпата и тие отидоа да умрат за тие зборови додека тој си седеше на раат, си пиеше вино и е*еше робинка. Овој тип (покажува на Обама) ми кажува дека живееме во заедница? Не ме смеј. Живеам во Америка, а во Америка си оставен сам на себе. Америка не е држава. Таа е само бизнис. Ај сега плати ми“. – Џеки Коган

Филм: Убивајќи ги нежно (Killing Them Softly)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар