Филм: Пристигнување (Arrival)

Откако 12 мистериозни вселенски летала ќе се појават ширум светот, професорката по лингвистика, Луиз Бенкс, ќе мора да најде начин да го интерпретира јазикот на вонземјаните

(1) Филм: Пристигнување (Arrival)Режија: Денис Вилнев

Улоги: Ејми Адамс, Џереми Ренер, Форест Витакер

Времетраење: 116 минути

Премиера: 11 ноември 2016

Јазик: англиски

Жанр: драма, мистерија, научна фантастика

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (2 гласа, просек: 5.50 од 10)

Loading...Loading...

Оваа година имавме можност да гледаме голем број научно фантастични ремек-дела, особено во поглед на специјалните ефекти – бидејќи во секој од овие големи филмови акцентот беше ставен на акцијата и брзото темпо на развивање на приказната, што не ви дозволува во ниту еден момент да ви биде здодевно. Но, кога станува збор за уникатна и богата приказна, во толку популарен жанр, филмот „Пристигнување“ ги поместува границите.

(2) Филм: Пристигнување (Arrival)

Тимовите зад научно фантастичните филмови се обидуваат да ни престават сосема поинаков свет, различен од реалниот, но сепак доволно сличен за да можеме да се замислиме и самите во некоја од улогите на главните ликови. „Пристигнување“ го прави истото, но светот што ни го прикажува е толку реален, што едноставно нема да можете да не помислите дека истото би можело да ни се случи уште утре. Секој детаљ од филмот е толку добро вклопен во целокупната приказна, започнувајќи од самото дејство, па сè до реакциите на луѓето, што ќе ве измами на момент да помислите дека сите тие настани се случуваат околу вас, а не на големото филмско платно.

(3) Филм: Пристигнување (Arrival)

Ејми Адамс и Џереми Ренер, кои ги толкуваат улогите на Луиз и Иан, маестрално ја завршуваат својата работа, доближувајќи ни го искуството од првиот контакт со вонземјанска раса до тој степен што можеме да го раскажеме како нам да ни се случило. Сепак внимавајте, секој кадар е парче од големата сложувалка што го дава одговорот на мистеријата зад пристигнувањето на вонземјаните, па мора будно да ги следите настаните бидејќи во спротивно нема да можете да го доживеете филмот во целост. Исто така, имајте на ум дека станува збор за бавен филм, па мора да бидете трпеливи, бидејќи приказната ќе ве држи во неизвесност до самиот крај.

(4) Филм: Пристигнување (Arrival)

За споредба, начинот на кој се раскажува приказната, како и самиот тек на развивање на настаните, многу наликува на „Интерстелар“, па ако ви се допаднал тој филм, без сомнение ќе уживате и во овој.

(5) Филм: Пристигнување (Arrival)

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар