Филм: Пред полноќ (Before Midnight)

Брилијантно заокружување на романтичната трилогија

Филм: Пред полноќ (Before Midnight)Режија: Ричард Линклатер

Улоги: Итан Хоук, Џули Делпи, Сејмус Дејви-Фицпатрик

Времетраење: 109 минути

Јазик: англиски

Премиера: 14 јуни 2013

Жанр: романса, драма

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (17 гласа, просек: 8.29 од 10)

Loading...Loading...

Џеси (Итан Хоук) и Селин (Џули Делпи) првпат се сретнаа во возот за Виена во 1995 година, средба од којашто произлезе „Пред изгрејсонце“ (Before Sunrise). Девет години подоцна, во продолжението „Пред зајдисонце“ (Before Sunset), Џеси веќе беше познат писател кој во Париз ја сретна убавата Французинка со која некогаш имаше кратка, но интензивна романса. Девет години по таа средба, романтичната трилогија се заокружува со нивниот одмор во Грција.Филм: Пред полноќ (Before Midnight)Во овој трет дел тие веќе неколку години се во брак, имаат и две ќерки, а Џеси се обидува да го задржи контактот со својот син од претходната сопруга. Селин несебично го поддржува во тоа, а истовремено е сконцентрирана на нејзината кариера. Гледачот тоа лесно ќе го разбере само преку нивните разговори, затоа што тука нема настани кои се редат еден по друг и сочинуваат некакво дејство.

Овој филм нема класично развивање на приказна која почнува со вовед и заплет по што постепено ќе се расплетува. „Пред полноќ“ е збир на прекрасни дијалози кои ја сочинуваат неговата магија. Располага со многу малку сцени, но во сите нив има многу зборување. Се зборува за животот, за љубовта, за бракот, за кариерата…Филм: Пред полноќ (Before Midnight)Тоа се извонредно развиени дијалози. Веднаш го привлекуваат целото внимание на гледачот и целосно го вовлекуваат во филмот. Напишани се од режисерот и сценарист на сите три филма, Ричард Линклатер, во соработка со двајцата главни актери. Штом режисерот и главните ликови се автори на сценариото, јасно е дека меѓу Џеси и Селин има хемија и дека тие целосно се внесуваат во ликовите нудејќи исклучително добра глума, секако со по малку импровизација. Човек може да помисли дека Итан Хоук и Џули Делпи навистина се во брак и само си дискутираат пред камера за убавините и проблемите во нивниот живот. А тоа го прават толку добро што ќе посакате нивниот разговор никогаш да не престане.Филм: Пред полноќ (Before Midnight)Сцените се снимани во шармантниот рустичен амбиент на Пелопонез, најчесто во времето кога зајдисонцето додава топли бои на опкружувањето. Тоа му дава дополнителен романтичен амбиент на филмот, којшто веројатно би недостасувал ако сè остане само на сценариото, затоа што „Пред полноќ“ не е класична романтична драма.

Овој филм не е холивудска бајка која завршува кога романсата е во полн сјај токму пред да почнат проблемите на заедничкиот живот, туку во центарот на вниманието става брачен пар со неколку години брак зад себе и со многу проблеми. Од неговите дијалози не можат да се извлечат романтични цитати како од повеќето холивудски романси затоа што љубовната врска меѓу Џеси и Селин е претставена како некоја која не е совршена и има свои мани. „Пред полноќ“ не ја прикажува љубовта како нешто што треба да биде совршено, туку како збир од добри и лоши моменти.Филм: Пред полноќ (Before Midnight)Сценариото и глумата го носат овој филм и заслужуваат највисока оценка. За подобро да ги разберете ви препорачуваме прво да ги изгледате претходните два дела затоа што, како што рековме, ова е филм за љубовна врска кој се развивала низ годините, па и покрај долгите деветгодишни паузи меѓу секој од деловите, тие перфектно се надоврзуваат еден на друг и сочинуваат комплетна слика за таа љубов.Филм: Пред полноќ (Before Midnight)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Јована Reply

    Браво за авторот, совршено напишано.

Остави коментар