Филм: Лов (The Hunt)

Каде што има чад, не мора да значи дека има и оган

Филм: Лов (The Hunt)Режија: Томас Винтерберг

Улоги: Мадс Микелсен, Аника Ведеркоп, Томас Бо Ларсен

Времетраење: 115 минути

Јазик: дански

Премиера: 10 јануари 2013

Жанр: драма

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (7 гласа, просек: 8.43 од 10)

Loading...Loading...

Лукас (Мадс Микелсен) води мирен осаменички живот во мало гратче после разводот со сопругата, но работите полека почнуваат да се менуваат на подобро. Пронаоѓа нова љубов, неговиот син сака да се врати да живее со него, а и понатаму ужива во работата како учител во градинка. Животот е убав сè додека Клара (Аника Ведеркоп), едно од девојчињата во градинката и ќерка на неговиот најдобар пријател, не излаже дека Лукас сексуално ја злоупотребил.Филм: Лов (The Hunt)Лукас упорно тврди дека Клара не ја зборува вистината, но малкумина му веруваат и веќе мора да се справува со сомнежот на околината. Само малку е доволно за сите да веруваат дека тој направил нешто многу лошо, па целата околина да се впушти во потера по него, како во некој лов на вештерки, и да му го руши животот дел по дел. А, Лукас колку и да се труди не може да направи многу освен немоќно да се бори и да следи како реката од последици по неговиот живот без контрола го носи во неизвесна иднина. Филм: Лов (The Hunt)Мадс Микелсен фантастично ја портретира таа борба. Навистина, и дијалозите се одлични и впечатливи, но дури и кога не зборува, од неговото лице и неговите движења се читаат емоции кои совршено ја надополнуваат тишината. Тие кажуваат многу за тешкотиите низ кои минува човек кога цел свет се свртел против него. По неколку изгледани филмови со овој актер, тој веќе станува гарант дека и секој друг негов филм заслужува внимание. Филм: Лов (The Hunt)Подеднакво големи пофалби за глумата мора да одат и за малата Аника Ведеркоп, која ја толкува улогата на Клара, девојчето со бујна фантазија кое нема поим што направило, не знае дека излажало ниту може да ги согледа последиците од нејзината постапка. Неверојатно е да се гледа такво мало девојче да глуми толку уверливо, од репликите па сè до манифестирањето на тиковите на лицето. Нејзиниот лик е така направен за човек да не може да ѝ се лути, поради тоа што е многу мала и не разбира што прави, но го остава гледачот да се чуди како возрасните уништуваат нечиј живот водени само од сомнеж, а без никаков доказ. Филм: Лов (The Hunt)Но, тие двајцата не се единствената причина поради која „Лов“ ќе ве вовлече во себе и ќе изгубите чувство за време. Пред сè, тој плени со својот едноставен, емотивен и многу моќен приказ на сомнежот и на неговата моќ да го разора животот, притоа предизвикувајќи сочувство и фрустрација кај гледачот. Во себе нема ништо сензационално кое треба да ве шокира за да ве привлече, туку само одлично вкомпониран збир од емоции и филозофија.Филм: Лов (The Hunt)За разлика од Холивуд, филмската продукција на нордиските земји најчесто третира секојдневни и несензационални теми. Ова е драма која има многу посуштински пристап во третирањето на животните проблеми. Одлично изработена приказна, добро дефинирани ликови, блескава глума и кинематографија кои во пакет прават прекрасен и гледлив филм. Ова е еден од оние моќни филмови кој заработува многу номинации и награди на фестивали, а на крај можеби и номинација за Оскар, иако е доста неамерикански. Сè на сè, чиста десеткаФилм: Лов (The Hunt)


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар