Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

Емоционална приказна, убедлива глума и капитализам

1-Film-Dva-dena-edna-nok-Deux-jours-une-nuit-www.kafepauza.mk_Режија: Жан-Пјер Дарден, Лук Дарден

Улоги: Марион Котијар, Фабрицио Ронџоне, Пили Гроан

Времетраење: 95 минути

Јазик: француски

Премиера: 21 мај 2014

Жанр: драма

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (4 гласа, просек: 9.25 од 10)

Loading...Loading...

Јазикот не е единствениот елемент кој прави веднаш да почувствувате дека „Два дена, една ноќ“ не е продуциран во Холивуд. Иако тој сепак ќе се трка за престижна американска награда затоа што е белгискиот кандидат за Оскарите, начинот на кој што е изработен не соодветствува на спектаклот кон кој тежнее американската продукција. Напротив, овој пат пред нас имаме филм со кој многу полесно би можеле да се поврземе и соживееме затоа што ваква приказна може да му се случи секому од нас, а на многумина им се случило нешто слично.

Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

Во двата дена и едната ноќ во кои се протега речиси целото дејство на филмот ја гледаме борбата на една жена да си ја зачува работата во време кога економската криза во Европа делка работни места од компаниите. Сандра, која ја игра Марион Котијар, работи во мала фирма која произведува соларни панели. Таа била на боледување, но шефот решил да не бара замена за неа. Фирмата работела со 16 наместо 17 работници и за тоа време производството воопшто не паднало, па така тој, во капиталистички дух, решава да се ослободи од работникот за кого смета дека му претставува вишок и само му јаде од профитот.

Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

Но, тоа го прави на начин на кој што одговорноста ја дели со нејзините колеги. Имено, на работниците им дал можност да бираат: да добијат бонус од по 1.000 евра и Сандра да се симне од платниот список, или таа да остане да работи таму, а тие да го загубат бонусот затоа што тој ќе оди како плата за неа. Сандра губи на гласањето со 14:2, но со една нејзина колешка и пријателка ќе издејствуваат повторно гласање после викендот. До тогаш нејзе и остануваат цели два дена и една ноќ да се види со секој колега одделно и да ги замоли на повторното гласање да застанат на нејзина страна.

Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

Тоа ќе произведе многу незгодни ситуации. Сумата од 1.000 евра не е голема за белгиски стандарди, но луѓето кои евентуално би го загубиле имаат семејства во кои некој веќе ја загубил работата или работат на две работни места за да заработат повеќе. Дејството се сели од разговорот на Сандра со еден колега до разговор со друг. Самата приказна е таква што е извадена од нашето секојдневие и изгледа толку многу реално што на моменти ќе имате впечаток дека гледате реално шоу.

Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

Марион Котијар цврсто го носи дејствието на своите плеќи со својата фантастична изведба. Браќата Дарден, авторите на овој филм, ѝ дале одлична улога која таа ја исполнува маестрално, со секој свој гест, секоја гримаса и секој изговорен збор. Ќе има моменти кога може да сочувствувате и да ви биде жал за нејзиниот лик, за таа жена која со сите сили се бори да ја задржи работата и за нејзините колеги кои работодавецот ги ставил во толку непријатна ситуација. „Два дена, една ноќ“ е извонреден филм. Веќе доби многу одлични критики, но ќе биде штета ако публиката го пропушти само затоа што во него не се зборува на англиски. Гледајте го, нема да зажалите.

Филм: Два дена, една ноќ (Deux jours, une nuit)

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини