Друштвена мрежа (The Social Network)

Филм за тоа како е да се гази по лешови за да се изгради мултимилионски бизнис, но и за онаа мала (сé уште постојна) трошка на совест. Каков човек треба да бидеш за да станеш најмладиот милијардер во светот?

Друштвена мрежа (The Social Network)Режија: Дејвид Финчер

Сценарио: Арон Соркин

Главни улоги: Џеси Ајсенберг, Ендрју Гарфилд, Џастин Тимберлејк

Жанр: драма

Времетраење: 120 минути

Премиера: 1 октомври 2010

Јазик: англиски

Официјален веб-сајт

Наша оценка: 9/10
___________________________________________________________________________________________
Марк Зукерберг е претенциозно копиле кое не знае нормално да комуницира со луѓе освен ако не се во чет-прозорче. Но, Марк Зукерберг е и основач на социјалната мрежа Фејсбук и милијардер, а има само 26 години. Најверојатно, мора во исто време да бидеш и двете за да го поминеш патот до мултимилионски бизнис? Кеш, слава, почит, но и одлуки од типот дали да го оставиш на цедило најдобриот пријател, дали да украдеш нечија идеја, дали да играш валкано. И пак мора да бидеш толку самозадоволен за на крајот на денот да се погледнеш во огледало и да го сакаш тоа што го гледаш. Што е вистина, а што е лага во овој филм? Не си даваме за право да судиме. Сепак, и покрај сé, приказната те фаќа веќе во првите 5 минути и никако да те пушти. А таков филм, независно за кого е направен, секогаш вреди да се види.
___________________________________________________________________________________________

Приказна: Фокусот на филмот е правното сослушување на Марк Зукерберг, на луѓето кои велат дека идејата за Фејсбук е нивна и на неговиот најдобар пријател Едуардо Саверин со кого го почнале бизнисот. Преку нивните искази, приказната оди уште од почетокот на целата историја кога Фејсбук не им бил ни на крај памет, а Зукенберг бил студент на „Харвард“. Филмот е преполн со остар саркастичен хумор, со динамични дијалози… Да, вака кажаната приказна звучи целосно неатрактивно – ех, па кој би сакал да гледа филм за правно сослушување? Иако станува збор за големи пари, ниту еден живот не е загрозен. Сепак, впечатокот е дека „Друштвена мрежа“ посилно го катапултира адреналинот и од повеќето акциони филмови.Друштвена мрежа (The Social Network)Друштвена мрежа (The Social Network)Кинематографија: Кога ќе го видите филмското си-ви на Друштвена мрежа – режисерот Финчер ги потпишал и филмовите „Седум“, „Чудниот случај на Бенџамин Батон“, а сценаристот Соркин го напишал и „Неколку добри луѓе“, грешки би биле непростливи. Брзи кадри и приказна, феноменални актерски остварувања (буквално ниту еден актер не ја утна работата)… Интересно е што приказната е проследена со исклучително динамична музика, што на почетокот е малку смешно (па, добро, не е толку напната приказната за таа музика), но како што навлегуваш, сфаќаш дека посоодветна музика не може да се најде. Го засилува филмското случување за 100 степени.Друштвена мрежа (The Social Network)Друштвена мрежа (The Social Network)Кога и како да го гледате? Да го имавме во некое од нашите кина, ќе ви кажев да го погледнете таму, но како и секој блокбастер така и овој нé заобиколи, па воопшто и не е потребно да давам некаков коментар – едноставно ќе морате да го проследите дома. Секако, навечер и со изгаснати светла. Филмот е доволно интересен и сленговски кажано „ве вози“, така што можете да го гледате и подоцна во ноќта, верувајте, нема да заспиете. Иако глумат само момчиња, и тоа некои од моментално најсексапилните на планетата како Џастин Тимберлејк, сепак, приказната во Друштвена мрежа е и машка и женска така што може да го гледате во секаква комбинација – со пријатели, со девојка/момче, сами…Друштвена мрежа (The Social Network)Друштвена мрежа (The Social Network)

За авторот

Поврзани содржини

  1. Ана Reply

    Мене филмот не ми се бендиса баш, ама ми се допаднаа браќата близнаци :)

Остави коментар