11 филмови инспирирани од поеми

Романите, расказите, стриповите и драмите се неисцрпна инспирација за Холивуд. Според книги се снимени голем број филмови и ТВ серии, некои повеќе, а некои помалку успешни. Но, некогаш и поезијата може да послужи како инспирација, а ова се 11 примери дека реализацијата може да биде навистина успешна и да донесе многу филмски награди.

1. „О, брате, каде си?“ (O Brother, Where Art Thou?)

11 филмови инспирирани од поеми

Станува збор за ексцентрична комедија на браќата Џоел и Итан Коен, за тројца затворски бегалци кои се обидуваат да стигнат дома, за да го најдат скриениот плен од грабежот на банка. Во филмот глумат Џорџ Клуни, Џон Туртуро и Тим Блејк Нелсон. Сценариото делумно е базирано на „Одисеја“, но актерот Тим Блејк Нелсон бил единствениот од режисерско-актерската екипа, кој бил запознаен со ова дело.

2. „Кошмар пред Божиќ“ (The Nightmare Before Christmas)

11 филмови инспирирани од поеми

Тим Бартон напишал кратко поетско дело со овој наслов уште во времето кога работел во одделот за анимација на „Дизни“. Тој бил инспириран од „Рудолф: Еленот со црвено носе“ (Rudolph The Red-Nosed Reindeer) и „Како Гринч го украде Божиќ“ (How the Grinch Stole Christmas!) за својата морничава поема. Неколку години подоцна тој ја понудил на „Дизни“, кои најпрво биле заинтересирани за краток филм, но во 1993 година, Бартон продуцираше цел проект базиран на својата поема.

3. „Троја“ (Troy)

11 филмови инспирирани од поеми

Режисерот Волфганг Петерсен и сценаристот Дејвид Беноа ја адаптираа „Илијада“ (Iliad) во филмска акција, со Бред Пит како Ахил и Ерик Бана како Хектор. „Троја“ стана вистински хит во 2004 година, иако имаше многу приговори дека не е целосно следена оригиналната поема.

4. „Светла ѕвезда“ (Bright Star)

11 филмови инспирирани од поеми

Овој филм од 2009 година е на некој начин биографски запис за љубовта меѓу поетот Џон Китс и неговата сакана Фани Браун. Во стиховите кои тој ѝ ги посветил, често ѝ се обраќа со зборовите „светла ѕвездо“. Китс бил болен од туберкулоза и последните години од животот ги поминал разделен од љубената. Филмот е дело на Џејн Кампион и првпат беше прикажан на 62-риот Филмски фестивал во Кан.

5. „Мулан“ (Mulan)

11 филмови инспирирани од поеми

Популарниот филм на „Дизни“ е базиран на кинеската поема „Балада за Мулан“ (Ballad of Mulan) која била напишана за Хуа Мулан, девојката која решава да отиде во војска наместо својот татко, маскирана како маж.

6. „Кратки резови“ (Short Cuts)

11 филмови инспирирани од поеми

Режисерот Роберт Алтман бил инспириран од девет кратки приказни и една поема со наслов „Лимонада“ (Lemonade), дела на писателот и поетот, Рејмонд Карвер. Во текот на филмот, Алтман оставил доволно референции и мудро вклопени сцени кои покажуваат кон делата на Карвер.

7. „За обоените девојки“ (For Colored Girls)

11 филмови инспирирани од поеми

Во 2010, Тајлер Пери сними филмска адаптација според кореографската поема на Нтозаке Шанге, „За обоените девојки кои размислувале за самоубиство кога виножитото е доволно“ (For Colored Girls Who Have Considered Suicide When the Rainbow Is Enuf). Како и кореографскиот перформанс, така и филмот добро помина кај публиката.

8. „Храбро срце“ (Braveheart)

11 филмови инспирирани од поеми

Филмскиот хит со Мел Гибсон, чие сценарио подоцна беше издадено и како роман, е инспирирано од шкотска епска поема за храбрите подвизи на Вилијам Волас, позната уште само како „Волас“ (The Wallace). Иако беше критикуван за историски недоследности, „Храбро срце“ во 1996 година доби шест Оскари.

9. „Џабервоки“ (Jabberwocky)

11 филмови инспирирани од поеми

Режисерското деби на Тери Гилијам е инспирирано од бесмислената истоимена поема на Луис Карол, од „Низ стаклото“ (Through the Looking-Glass). Критиките за овој филм беа измешани, но Гилијам со своето дело покажа дека има бујна фантазија како режисер.

10. „Беовулф“ (Beowulf)

11 филмови инспирирани од поеми

Режисерот Роберт Земекис се инспирирал од старата англиска поема со исто име. Со помош на сценаристите Нил Гајман и Роџер Авери, неговата идеја беше реализирана како одличен визуелен спектакл.

11. „Урлик“ (Howl)

11 филмови инспирирани од поеми

Џејмс Франко во овој филм го глумеше поетот Ален Гинсберг, во периодот кога ја пишувал својата позната поема „Урлик“ (Howl). Режисерите Роб Епстејн и Џефри Фридмен во 2010 успешно направија реконструкција на поемата во одличен филм.

Потсетете се уште и на најдобрите филмови од 2017 година.

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар