Венера, планетата на љубовта низ хороскопските знаци

Венера, планетата на љубовта низ хороскопските знаци

Автор: Тања Илиевска

Планетата Венера во астрологијата се поврзува со љубовта, убавината, привлекувањето, креативноста, поврзувањето, феминистичкиот идеал, хармонијата… Всушност и самата планета името го добила по римската божица на љубовта и убавината. Знакот во кој се наоѓа Венера во нашиот хороскоп, а кој може да се прочита од сопствената наталната карта, го покажува начинот на кој примаме и даваме љубов и внимание, како формираме блиски врски и како се однесуваме во нив, како уметнички се изразуваме и кои креативни таленти ги поседуваме. Проверете го вашиот знак во кој се наоѓа Венера, а потоа прочитајте го неговото толкување.

Венера, планетата на љубовта низ хороскопските знаци

Венера во овен

Што мисли за себе: „Авантурист сум. Ќе те освојам. Јас сум самоук и независен.“

Доколку ја имате Венера во овен, тогаш во врските сте жестоки. Кај вас чувствата и страстите лесно се будат и вообичаено се обидувате да преземате иницијатива кога е во прашање срцето. Го освојувате другиот така што ќе му покажете колку сте решителни и самостојни. Излегувате и го добивате тоа што мислите дека го сакате. Проблемот е што, кога еднаш ќе го добиете, може да се заситите од тоа што сте го добиле. Поради тоа вашите врски можат да започнуваат возбудливо, а да завршат со монотонија и здодевност. Всушност, возбудата која ви ја создава потрагата по некого, за вас е поважна од  финалниот „лов“.

Независни сте и импулсивни, сакате да се натпреварувате и понекогаш одбирате да му се спротивставите на другиот, само затоа што тоа ви носи акција и возбуда. Понекогаш, со оваа позиција на Венера, кај вас може да се јави тенденција  премногу да им се удоволува на другите. Тогаш може да одберете доминантен партнер кој ќе сака работите да ги правите на негов/нејзин начин, на сметка на вашите лични желби. Понекогаш може да бидете нечувствителни во однос на тоа какви ефекти имаат вашите дела врз најблиските.

Венера во бик

Што мисли за себе: „Јас сум личност  на која можеш да се потпреш. Мојот идеален состанок се состои од добра храна, добро вино и многу гушкање со љубениот/а по дома.

Доколку имате Венера во бик, тогаш во љубовните врски сте лојални и урамнотежени, особено доколку вашиот партнер знае да ги покажува своите чувства. Ориентирани сте кон сетилната страна на животот, што може да се манифестира и преку зголемена телесна тежина, бидејќи добрата храна е вашиот најдобар пријател.

Сакате да се разгалувате себеси и оние кои ги сакате. Реагирате на убавина, па за вас е многу значаен физичкиот изглед и атрактивноста на вашиот партнер. Некогаш преголема важност им давате на материјалните работи. Сакате удобност и понекогаш знаете да бидете мрзеливи и да очекувате дека некој друг ќе ги заврши работите кои мораат да се завршат наместо вас. Топли сте во душа, имате изострен осет за естетика, шармантни и знаете да сочувствувате со другите. Она на што треба да поработите е самоконтролата, посесивноста и обидот да го одбирате полесниот пат во вашите љубовни врски.

Венера во близнаци

Што мисли за себе: „Јас сакам забава. Мојот идеален состанок се состои од одење во кафуле, потоа гледање филм во домашна атмосфера и дискутирање за него.“

Доколку ја имате Венера во близнаци, поважни ви се смислата за хумор, интелектот, комуникациските способности кои ги поседува личноста што го „уловила“ вашето внимание, одошто нејзиниот физички изглед. Посакувате партнер кој ментално ќе ве стимулира, некој кој е љубопитен, кој може да го предизвика вашиот ум и со кого нема да ви биде здодевно.

Преферирате и имате потреба од врски во кои заедно ќе учите нови нешта, ќе разговарате, ќе споделувате разни идеи и ќе посетувате различни места. Вам не ви се допаѓаат посесивни и љубоморни партнери. Шармантни сте, пријателски настроени, сакате да запознавате нови луѓе, но и да флертувате. Уживате во забавата и возбудата кои ги носи љубовта, но се плашите од обврските. Вашите чувства најдобро можете да ги изразите преку говорење, пишување или некој вид уметност.

Венера во рак

Што мисли за себе: „Јас сум само еден обичен човек. Животот го градам на солидна основа. Знам да те утешам и да ти пружам поддршка. Јас се грижам. Јас останувам тука. Мојот идеален состанок се состои од јадење дома и гушкање.“

Доколку ја имате Венера во рак, вие сте тивки, срамежливи, чувствителни и романтични, а вашите чувства се силно врзани за семејството, старите пријатели, спомените и минатото. За вас многу важни се родендените, годишнините, куќните слави и нивното прославување. Во љубовните врски имате потреба од внимание, грижа, емоционална поддршка и сигурност, а во домот имате потреба од мир и хармонија.

Се „лепите“ за оние што ги сакате, но доколку таквото однесување отиде предалеку, имате тенденција да станете посесивни. Сакате кога другите имаат потреба од вас. Чувството на несигурност и чувството дека не сте доволно сакани, кои понекогаш се јавуваат кај вас, знаете да ги потиснете со храна, особено со благи работи. Имате свој личен шарм и знаете да сочувствувате со другите. Вие имате потреба да се грижите за другите.

Венера во лав

Што мисли за себе: „Јас сум љубезна и забавена личност. Интересен/а сум и искусен/а. Дозволи ми да те забавувам.“

Доколку ја имате Венера во лав, во љубовта сте спонтани, лојални, приврзани и дарежливи. Не сакате партнер кој е ситничав и скржав. Вие го барате херојот, принцот или принцезата, некој кој ќе можете да го обожавате, со кого ќе се гордеете и кој ќе ви го „помести“ тлото под нозете. Копнеете по љубов, почит и внимание од другите и ви годи кога ви ласкаат.

Во љубовниот живот сакате драма, големи романтични гестови и необични изрази на дарежливост. Искрени сте, љубезни и сакате забава. Понекогаш очекувате премногу од луѓето и кога ќе ве разочараат, се чувствувате повредени. Совет за вас е да не го запоставите развивањето на вашите внатрешни потенцијали и да се фокусирате и преокупирате единствено со надворешниот изглед. Бидејќи сакате да сте во центарот на вниманието, внимавајте да не станете фалбаџии и премногу суетни.

Венера во девица

Што мисли за себе: „Јас ќе се грижам за тебе и ќе направам многу мали работи за тебе. Јас ќе ти помогнам“.

Доколку ја имате Венера во девица, тогаш вие сте посветени и верни на оние кои ги сакате. Некако сте срамежливи кога е потребно да ги покажете вашите чувства, па наместо да му кажете некому дека ви значи на некаков романтичен начин, вие преферирате љубовта да ја покажувате така што ќе направите нешто убаво за личноста или едноставно ќе бидете тука за неа.

Знаете да бидете критички настроени кон партнерот и да очекувате совршенство. Сакате сѐ околу вас да биде чисто и уредно. Понекогаш немате доверба во вашата привлечност и способност да привлечете љубов и бракот може да дојде со задоцнување во вашиот живот, поради стремежот да најдете совршен партнер, а совршен партнер не постои. Љубезни сте и знаете да сочувствувате со другите, па можете да бидете одлични негуватели.

Венера во вага

Што мисли за себе: „Јас сум само едно фино момче/девојка – некои велат дека сум премногу фин/а. Романтичен/а сум и сакам добри разговори. Ќе ти удоволувам. Единственото нешто што барам е фер игра.“

Доколку ја имате Венера во вага, тогаш вие сте шармантни, тактични, учтиви и урамнотежени и имате силна желба да им угодувате на другите и не сакате да создавате немир. Бидејќи се трудите секогаш да се согласувате со другите, понекогаш имате тешкотија да кажете „не“, што може да биде злоупотребено од другата страна. Но, понекогаш знаете да бидете и безмилосни со другите. Со оваа позиција на Венера, вие знаете што другата личност сака да слушне и на тој начин може да манипулирате со неа.

Хармонијата за вас е многу важна и би жртвувале многу за да ја зачувате. Во врските и бракот сакате некој со кого се наоѓате на иста фреквенција, кој ќе ве урамнотежи. Ве привлекуваат луѓе кои се префинети и чувствителни. Цените добри манири и не сакате луѓе кои се однесуваат грубо. И самите вие сте префинети и најверојатно имате талент за музика или некоја друга уметност или во најмала рака ја цените уметноста. Имате и смисла за бои. Негативната страна на ваквата позиција на Венера е тоа што ве прави неодлучни и мрзеливи.

Венера во скорпија

Што мисли за себе: „Чувствителен/а сум и не сум површен/а. Ќе ти бидам мошне лојален/а, засекогаш. Ќе те усреќам во кревет.“

Доколку имате Венера во скорпија, тогаш посакувате длабока, интензивна и страсна врска. Во љубовта ништо површно нема да ве задоволи. Вие копнеете за бесмртна љубов, како онаа на Ромео и Јулија. Оние кои ја имаат оваа позиција на Венера се едни од најстрасните љубовници. Врските кои ги формирате се базираат на силни емоции и можат да бидат опишани дури и како посесивни. Може да станете многу љубоморни кога се во прашање оние кои ги сакате. Неконтролираната љубомора и посесивност можат да ги уништат врските кои најмногу ви значат.

Поставувате големи барања за вашиот партнер. Донекаде се сомневате дури и во платонските, пријателски врски кои вашиот партнер ги има. Ако некогаш ве изневерат, способни сте да мразите со истиот интензитет со кој некогаш сте сакале. Вие може да имате една љубов за целиот свој живот. Вам ве привлекуваат луѓе кои делуваат мистериозно. Иако имате длабоки чувства, имате проблем да ги изразите. Понекогаш посветеноста кон религијата може да ви служи како „издувен вентил“ за вашите преоптоварени емоции. Совет за вас е да ја научите вредноста на самоконтролата.

Венера во стрелец

Што мисли за себе: „Јас сум весел/а и забавен/а. Му се радувам на животот и сакам да се смеам. Отворен/а сум за нови искуства.“

Доколку ја имате Венера во стрелец, вие барате некој кој ќе ги прошири вашите хоризонти и ќе ја продлабочи вашата свест. Вам ве привлекува некој кој ја сака забавата, кој е весел и отворен за авантури и нови искуства. Заедно би уживале во патување, запознавање нови луѓе и откривање нови места низ светот во кои особено уживате. Луѓето од различни култури го прошируваат вашето разбирање за светот и себеси.

Вие сакате да ги споделувате своите соништа, тежнеења и идеали со вашиот партнер. Затоа за вас многу важен е интелектуалниот однос. Не сте претерано сентиментални, па вашиот партнер понекогаш може да има чувство дека сте недоволно сериозни и романтични. Вие ја идеализирате љубовта. Не можете да останете долго во врска во која нема доволно возбуда.

Венера во јарец

Што мисли за себе: „Јас имам добра работа и паметно вложувам во неа. Ќе ти овозможам сигурност. Бракот и фамилијата се многу значајни за мене.“

Доколку ја имате Венера во јарец, тогаш љубовта ја изразувате на претпазлив, резервиран и сериозен начин. Веројатно не сте демонстративни кон оние кои ги сакате. Многу се грижите за тоа што другите луѓе мислат за вас и копнеете по љубов и внимание, но вашите резервирани реакции ве прават да изгледате незаинтересирано.

Површни врски воопшто не ве интересираат. Претпазливи сте и сериозни кога е љубовта во прашање и сакате длабока, вистинска, трајна љубов. Конзервативни сте и традиционални во однос на додворувањето и останувате верни на саканиот/саканата и во добро и во лошо. Може да ве привлекуваат личности кои се постари од вас, некој кој е емоционално зрел и доверлив и кој може да ви ја даде сигурноста која ви е потребна. Не сакате да бидете повредени и имате силна желба да се заштитите себеси, па ова може да ве спречи да бидете поотворени во љубовта. Негативните аспекти на Венера може да ве направат плашливи, себични, љубоморни и пресметливи. Кај вас може да се јави и голема амбиција и желба за престиж и статус.

Венера во водолија

Што мисли за себе: „Јас сум либерален/а. Јас не сум посесивен/а. Барам пријател во партнерот/партнерката. Јас сум единствен/а. Ајде да разговараме и да се забавуваме.“

Доколку ја имате Венера во водолија, тогаш љубовта ја изразувате на отворен, неконвенционален начин. Вие сакате да имате многу пријатели и познаници и сакате дружење. Бидејќи го цените пријателството толку многу, поудобно се чувствувате во улогата на пријател, отколку на љубовник. Едно е сигурно, она што навистина не ви се допаѓа се врски во кои има посесивност и наметливост. Вие сакате да бидете слободни да правите што сакате, со кого сакате.

Сакате интелектуална или спиритуална врска со партнерот и таа може да биде вашата преферирана замена за интимно или емоционално поврзување. Имате потреба од партнер кој ќе ви даде слобода и ќе ви дозволи да бидете свои. Шармантни сте, среќни и оригинални, но знаете да бидете и ладни, смирени и незаинтересирани. Потребно е да научите да бидете потопли и да имате поголемо разбирање.

Венера во риби

Што мисли за себе: „Ќе те сакам. Ќе те прифатам. Дури и ако остатокот од светот мисли дека тебе никој не може да те сака, јас ќе те видам онаков/а  каков/а што навистина си.“

Доколку ја имате Венера во риби, тогаш љубовта ја изразувате на кроток, романтичен, чувствителен начин. Несебично се давате себеси на оние кои ги сакате или оние кои имаат потреба од вас и вашата помош. Понекогаш „паѓате“ на сентиментални приказни и давате толку многу, што некои луѓе стануваат зависни од вас. Идеалисти сте кога е во прашање љубовта и ова некогаш може да заврши така што станувате маченик или спасител во врските. Сочувствени сте и се врзувате со другите поради нивната потреба од љубов или поради потребата да бидат „спасени“.

Ги привлекувате и ве привлекуваат сензитивни, имагинативни личности кои имаат склоност кон музика или друг вид уметност. Посакувате да најдете некого со кого ќе развиете длабока и спиритуална врска. Ја идеализирате љубовта и имате многу убава и романтична визија за тоа каква љубовта може да биде. Понекогаш едноставно сте вљубени во љубовта. Знаете да бидете многу емотивни и кротки, но не треба да дозволите да ве искористуваат само затоа што не сакате да разочарате некого и не сакате да создадете немир. Може однадвор да изгледате како личност која мора да трпи и да пати во љубовта и дека тоа го правите по сопствена волја.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Elena Reply

    Lav-Devica

Остави коментар