Египетски хороскоп

Египетски хороскоп

Египетскиот хороскоп е еден од најстарите хороскопи со кој се служеле фараоните за полесно да владеат со големото кралство. Хороскопот се состои од 12 знаци и со секој знак владее по еден бог.

Египетски хороскоп

Sekment – Алхемиска правда (29.07 – 11.08 и 30.10 – 07.11)

Верување: Секмент означува моќ и разорна сила. Таа е божица на војната. Секмент е уште позната како „окото на Амон Ра“ бидејќи се поврзува со разорната сончева сила која гори сè.

Карактеристики: Главна карактеристика на родените во овој знак е моралната праведност. Гордоста управува со нивниот темперамент. Сакаат постојано да се докажуваат затоа што сметаат дека никогаш не се доволно наградени. Ги почитуваат религиозните култови, а познавањето на религијата за нив значи познавање на човештвото. Работат ладнокрвно и според одредени методи. Во зависност од случувањата знаат да бидат строги, па дури и немилосрдни. Добро ги знаат своите граници. Знаат да воспостават ред таму каде што владее хаос и да ја препознаат правдата. Никој не се осмелува да го негира нивниот авторитет затоа што ретко кога грешат при проценувањето на работите. Зборовите им се уверливи, а потезите прецизни. На родените во овој знак им недостасува попустливост. Секогаш се оригинални, благодарение на желбата да го избалансираат животот.

Љубов: Припадниците на овој знак многу ги ценат убавината и уметноста. Нивната надворешна убавина може да биде заслепувачка. Оригинални се и неповторливи. Кога се работи за емотивноста и сексуалноста, овие знаци се едни од најнапредните. Кога се во врска имаат потреба од пријателство и интелектуална размена. Нивната љубопитност често не им дозволува да бидат само со една личност. Сакаат да експериментираат и подготвени се да пробаат сè. Искрени се и не поднесуваат лаги во врската. Кога ќе ја најдат вистинската личност, забораваат на авантурите и остануваат со неа.

Seth – Апсолутен патник (28.05 – 15.06 и 28.09 – 02.10)

Верување: Сет е еден од најстарите богови кој владеел со пустините. Подоцна тој станал бог на молњите  и подземјето. Се верува дека Сет бил многу љубоморен и заради тоа го убил својот брат Озирис, чие тело го распарчил и го расфрлал низ Египет.

Карактеристики: Родените во овој знак се вечни патници. Таму каде што тие поминуваат, настанува неред и ништо веќе не е како претходно. Фасцинирани се од моќта. Ако одлучат да победат, за нив не постојат пречки. Тие се вистински експерти за манипулација. Луѓето повеќе се плашат од нив отколку што ги сакаат. Постојано си поставуваат нови цели. Не се злопамтила и се сеќаваат само на убавите работи. Не чувствуваат грижа на совеста. Многу се хумани, но длабоко во себе посакуваат да имаат поголема слобода. Слободата им е најважна од сè. Постојано доаѓаат и си заминуваат, но никогаш ништо не очекуваат од другите. Сметаат дека сè може да постигнат сами, без ничија помош.

Љубов: Нивниот темперамент е жив, а чувствата им се возвишени и жестоки. Не се предаваат лесно. Од партнерот очекуваат постојано да се ангажира околу нив. Сонуваат за страст и романтични доживувања. Понекогаш критериумите им се превисоки и не сакаат само половично задоволство. Потребна им е личност со урамнотежен карактер која ќе може да ги поднесе жестоките емоции на припадниците на овој знак. Сепак, не се посесивни и знаат да бидат многу еманципирани. Се гордеат со саканата личност и уживаат во нејзиното внимание и подароци. Никој не може да одолее на нивната појава и аристократското однесување.

Nil – Мирна река (01.01 – 07.01, 16.06 – 28.06, 01.09 – 07.09 и 18.11 – 26.11)

Верување: Според египетската астрологија, Нил е река на хармонијата и смиреноста, господар на природата, обновувач на животот и дарежлива мајка.

Карактеристики: Родените во овој знак поседуваат извонредна самоконтрола, голема упорност и креативност. Не ги привлекуваат обичните, тривијални работи. Ги ценат убавината, интелигенцијата, луцидноста и духовноста. Премногу се чувствителни и заради тоа инстинктивно ги чувствуваат луѓето и местата кои им одговараат. Тие се омилените личности во секое друштво и пријатели какви што секој би посакал. Нивните приказни се полни со фантазија и духовност. Од професиите најмногу им одговара да бидат адвокати или актери. Ги привлекува астрономијата и воодушевени се од сите откритија во оваа област. За нив најважен е светот во кој живеат. Освен за астрономија, припадниците на овој знак се интересираат и за алхемијата и сличните тајни учења. Толерантни се, не се осветољубиви и себични, но не сакаат своето знаење да го пренесат на други. Понекогаш реагираат бурно и во афект, а тоа може да има лоши последици.

Љубов: Нивните емоции се деликатни и одмерени. Полни се со љубезност и внимание. Не ги интересираат кратки авантури и не започнуваат врска ако претходно не размислат добро за тоа. Сакаат романтична атмосфера и љубовни игри кои им помагаат да се чувствуваат исполнети. Родените во овој знак се идеални личности за заеднички живот. Многу се чувствителни на комплименти, со задоволство ги примаат и долго ги паметат. Без разлика колку ќе му се предадат на партнерот, сепак остануваат присебни. Постојано се опкружени со припадници од спротивниот пол, па затоа се во состојба да бираат.

Anubis – Многуте лица на месечината (09.05 – 27.05 и 29.06 – 13.07)

Верување: Анубис се смета за бог на мртвите затоа што ѝ помогнал на Изида да го балсамира телото на Озирис. Тој ги водел погребните церемонии и им помагал на мртвите да преминат во подземниот свет.

Карактеристики: Родените во овој знак се чувствителни на месечевите мени. Се работи за „ноќни птици“ кои ја кријат својата љубопитност зад надворешноста. Тоа не се обични луѓе. Сакаат да работат тајно и во сенка, далеку од сите светла. Најмногу од сè сакаат да решаваат мистерии. Нивна голема желба е да го пронајдат рецептот за подобар живот и да го направат светот подобро место за живеење. Но преголемата чувствителност може да им наштети на нивната логика и строгост. Одговорни се, знаат да чуваат тајни кога тоа се бара од нив. Во египетската астрологија се сметаат за чувари на Храмот на знаењето. Самите себе си се најстроги судии и не се многу дарежливи.

Љубов: Припадниците на овој знак имаат среќен и мирен љубовен живот. Одговорни се и чесни. Знаат да бидат и емотивни и романтични, но не преземаат иницијатива. Мора да вложат повеќе енергија и ентузијазам во љубовниот живот. Во состојба се да сакаат некого, но никогаш да не му се доближат и да започнат врска. Љубезни се и дискретни, но тешко се наметнуваат, иако се свесни за сопствените квалитети. Потребна им е личност која ќе знае да ги цени нивните вредности. Уживаат во постепеното заведување, а во врската најважна им е сигурноста.

Horus – Мудрост и моќ (20.04 – 08.05 и 12.08 – 19.08)

Верување: Хорус бил бог на небото и војувал против војската на богот Сет за да го обедини Египет. Според египетската астрологија, Хорис бил најстариот син на богот Озирис.

Карактеристики: Родените во овој знак цврсто стојат на земја, одговорни се и знаат да ги препознаат вредностите. Може истовремено да војуваат на повеќе фронтови, ако знаат дека тоа ќе биде за општо добро. Не се плашат од борба и не се повлекуваат. Ако не ризикуваат, ништо нема да добијат. Го признаваат само она што е стекнато со сопствен труд. Важат за доста праведни личности, па дури и строги. Праведноста им е најјака, но и најслаба страна затоа што овие личности напаѓаат директно. Заради тоа потребно е да ја зголемат самодисциплината. Тоа се личности преку кои сите мора да поминат. Колку повеќе се зголемува нивната моќ, толку построги стануваат кон самите себе.

Љубов: Припадниците на овој знак се непостојани во љубовта и не сакаат цврсти врски. Ги привлекуваат авантури и нови познанства. Подготвени се да ја жртвуваат својата сигурност за да откријат нешто ново. Ќе направат сè за да ја задоволат својата љубопитност. Вистинската личност за нив е силна и стабилна, личност која може да го скроти нивниот немирен дух, а сепак да им пружи доволно возбуда. Никој не смее да ги ограничува родените во овој знак затоа што за нив слободата е многу важна.

Oziris – Пренесување на знаењето (01.03 – 10.03 и 27.11 – 18.12)

Верување: Озирис бил бог на природата сè додека неговиот брат, богот Сет, не го убил и не му го распарчил телото. Божицата Изида успеала да ги собере и состави деловите од телото на Озирис, а потоа со помош на магија го оживеала. Од неговото тело ги извлекла телесните течности, ги внела во нејзиното тело и затруднела. Така се родил богот Хорус, кој подоцна се осветил на Сет за смртта на Озирис.

Карактеристики: Родените во овој знак поседуваат материјално, духовно и филозофско знаење. Токму знаењето е нивната главна карактеристика која предизвикува љубомора кај другите. Заради тоа често се цел на заседи. Нивниот живот е исполнет со мистерии. Имаат силна интуиција и неверојатна моќ за расудување. Никогаш не ги забораваат противниците и знаат како да се заштитат од нив. Нивната сила е во мудроста и тоа им помага да ги совладаат и најтешките проблеми. Единствена слаба точка им е нестабилноста за која ни самите не се свесни. Нивните реакции често се задоцнети, а заради влијанието на околината овие личности не ги завршуваат започнатите работи.

Љубов: Припадниците на овој знак се многу романтични и сензуални. Го идеализираат партнерот и заради тоа често се разочаруваат. Треба да научат да ја разликуваат реалноста од соништата. Љубовта и нежноста им се неопходни затоа што без нив се чувствуваат како да се изгубени. Полни се со разбирање за другите. Потребно им е многу време за вистински да се заљубат, но кога ќе се случи тоа, времето ќе работи за нив. Со текот на времето нивната љубов станува сè посилна.

Geb – Сила на зборовите (12.02 – 28.02 и 20.08 – 31.08)

Верување: Геб е бог на земјата, творец и татко на сите богови. Од него настанале богот на сонцето, Амон Ра, и богот на месечината, Тот.

Карактеристики: Родените во овој знак имаат изразена способност за организација. Обичните работи знаат да ги направат корисни за општеството. Тие не се уметници, туку практичари. Сакаат конкретни работи и секогаш се присутни кога се реализираат големи планови. Ним може да им се верува. Не поднесуваат луѓе кои не го исполнуваат ветеното. Во такви случаи стануваат немилосрдни. Не сакаат самоволно однесување и никогаш не ги запоставуваат обврските. Привлечни се и достапни. Секогаш ги наоѓаат вистинските зборови за утеха и подготвени се да им помогнат на другите. На тој начин го избегнуваат сопственото страдање.

Љубов: Овие личности се романтични, упорни и посветени им се на оние кои ги сакаат. Сензуални се и полни со страст. Понекогаш, барајќи ја вистинската личност, се случува самите да се изгубат и да залутаат. Партнерот го опсипуваат со љубов и нежност, но исто толку многу бараат и за возврат. Ако имаат шанса, знаат како да ги претворат соништата во јаве. Заради преголемата чувствителност и ранливост, треба да внимаваат кому ќе му го подарат своето срце. Потребна им е внимателна личност која целосно ќе им се посвети.

Amon Ra – Будење на совеста (08.01 – 21.01 и 01.02 – 11.02)

Верување: Богот на сонцето, Амон Ра, е врховен бог во египетската митологија. Познат е уште како Севишниот, а негов симбол е орелот. Се верува дека патувањето на Амон Ра е всушност постојаната промена на денот и ноќта.

Карактеристики: Ништо не може да ги збуни припадниците на овој знак. Тоа е така заради нивната совест која ги ослободува од сè. Овие луѓе знаат грубите работи да ги направат нежни. Никој не може да им одолее на нивната појава и никој не останува рамнодушен на нивното присуство. Нивната благонаклонетост е неизмерна. Родените во овој знак претставуваат колективна совест. Нивните мудри зборови често имаат моќ на предвидување. Се сметаат за едни од најсреќните луѓе. Понекогаш се несфатени од другите, но тоа не им пречи затоа што секогаш го извлекуваат најдоброто од нив. Целосно се внесуваат во сите работи и постојано ги докажуваат своите морални вредности.

Љубов: Нивните емоции се деликатни и одмерени, полни со внимание и љубезност. Авантурите речиси и да не постојат за нив. Повеќе сакаат стабилни и цврсти врски за кои добро ќе размислат пред да ги започнат. Уживаат во романтична атмосфера. Навикнати се на комплименти затоа што постојано ги добиваат. Понекогаш се случува да се двоумат околу изборот на партнер, но тоа се случува затоа што постојано се опкружени со луѓе, па имаат голем избор. Не се навраќаат назад кон минатото и затоа нивната иднина е светла.

Izida – Апсолутно привлекување (11.03 – 31.03, 18.10 – 29.10 и 19.12 – 31.12)

Верување: Изида е ќерка на богот Геб, а во египетската астрологија е симбол за мајчинство. Се верува дека била волшебничка која на народот му ги открила тајните на медицината.

Карактеристики: Според припадниците на овој знак, ништо не се стекнува со сила. Толерантни се и вечно заљубени. Имаат цврст карактер и знаат да простуваат. Со нивното присуство внесуваат мир и ведрина меѓу луѓето. За нив најважна е љубовта. Веруваат дека љубовта има огромна моќ. За себе тврдат дека се благословени и заштитени. Хумани се и немаат никакви скриени намери. Понекогаш се чувствуваат осамено и тогаш уште повеќе се повлекуваат во себе. Од сите особини најмногу ги ценат толерантноста и солидарноста. Секогаш се подготвени да им помогнат на другите. Им одговараат професии од хуманитарен карактер и друштвени науки, како психологија, астрологија и други.

Љубов: Личностите родени во овој знак како да имаат магична моќ. Насмевката е нивното најсилно оружје. Целосно ѝ се посветуваат на љубовта и не се срамат да го направат првиот чекор. Се обидуваат на секој можен начин да ја направат среќна личноста која ја сакаат, па понекогаш и претеруваат. Отворени се и полни со страст, а истото го бараат и кај партнерот. Упорноста им е главна карактеристика и за нив не постои „забрането овошје“. Играат според нивни правила и секогаш тие избираат први. Нивната крајна цел е да ја пронајдат вистинската личност. Врските на далечина често пати имаат среќен крај за овие личности.

Mut – Енигма во телото (22.01 – 31.01 и 08.09 – 22.09)

Верување: Мут во египетската митологија е божицата-мајка која се поврзува со водата. Таа е божицата која на главата ја носи круната на Египет.

Карактеристики: Природата на родените во овој знак е тешко да се сфати затоа што тие уживаат да шират мистерии околу себе. Не сакаат никој да знае кои се нивните цели. Нивното однесување е секогаш на дистанца од другите. Имаат уметничка душа, но затоа се непостојани и чувствителни. Се кријат зад необичното однесување. Ви себе чувствуваат вина, што произлегува од нивниот таинствен карактер поради кој не се омилени во околината. Таквата маргинализација ја сметаат за товар, но и покрај тоа, не ги мразат другите, туку секогаш се подготвени да им помогнат. Знаат да западнат во меланхолија, но се доста иронични и строги кон тие кои ги повредиле и напуштиле. Заради огромното внатрешно богатство, подготвени се да допрат до сржта на проблемот, а не да го заобиколуваат.

Љубов: Плашливи се кога станува збор за емоции. Подготвени се многу да жртвуваат во име на љубовта. Никој не може да им одолее на нивната позитивна енергија со која зрачат. Упорни се, но не се наметливи. Својата волја ја остваруваат тивко и полека. Иако на прв поглед делуваат ладнокрвно, длабоко во нив се кријат силни емоции. Често пати се кријат зад маската на незаинтересираноста. Во љубовта се посветени и приврзани, одат на сè или ништо, но исто толку многу бараат и за возврат. Не толерираат неверство. Лошите љубовни односи кои немаат иднина на време ги прекинуваат. Понекогаш важат за многу посесивни.

Thoth – Волшебник во сенка (01.04 – 19.04 и 08.11 – 17.11)

Верување: Тот е бог на месечината, знаењето, мудроста, астрономијата, геометријата, математиката и уметноста. Се смета дека богот Тот го измислил писмото и така станал заштитник на оние кои пишуваат.

Карактеристики: Родените во овој знак постојано сакаат да напредуваат, но не заради власт и моќ, туку за подобро да ги запознаат луѓето и работите. Не се фалат со сопствените откритија, туку вредно работат и се однесуваат скромно. Не сакаат да се експонираат затоа што тоа за нив е знак на духовна слабост. Подготвени се за секаков потфат ако оценат дека тоа ќе биде добро за семејството или друштвото. Не се плашат да ризикуваат, но не би ризикувале само за да се покажат пред другите. Лесно ја препознаваат лагата од вистината. Проникливи се, мудри и трезвени. Го ценат секој напор и не поднесуваат мрзеливост. Иако може да изгледаат неуверливо и чудно, нивните одлуки се јасни и прецизни. Најмногу сакаат да истражуваат во областа на медицината.

Љубов: Понекогаш тешко ги искажуваат чувствата, посебно кога е љубовта во прашање. Од една страна, имаат потреба од некој кој ќе биде постојано покрај нив кога се тажни и осамени, а од друга страна, имаат потреба да избегаат, потреба за авантури и нови познанства. Им одговара постојана личност кај која може секогаш да најдат спокој и љубов. Заради честата промена на расположението, припадниците на овој знак се вистинска мистерија за спротивниот пол. За нив животот е љубов и секоја нивна врска е величенствена. Со задоволство преземаат иницијатива. За нив најважно е партнерот да им е, пред сè, другар, а потоа љубовник.

Bastet – Гласник на таинственоста (14.07 – 28.07, 23.09 – 27.09 и 03.10 – 17.10)

Верување: Бастет е божица на љубовта и плодноста и заштитничка на домот. Таа зрачи со љубов и топлина, за разлика од нејзината сестра на уништувачка моќ, Секмент.

Карактеристики: Посветеноста и привлечноста се главни карактеристики на родените во овој знак. Нивното присуство никогаш не поминува незабележано. Харизмата и магнетизмот ги прават овие личности маркантни. Имаат голема моќ на убедување и многумина од нив се одлични лидери. Сè што прават е за општо добро. Веруваат во духовната сила, за разлика од физичката која за нив нема значење. Брзината, таинственоста и способноста за брзо прилагодување може да ги доведат припадниците на овој знак до важни функции. Расудуваат логично и нивните аргументи се непобитни. Како личности се интригантни и фасцинантни и заради тоа се разликуваат од останатите. Понекогаш подобро е да работат за сопствен интерес и да ја прифатат заслужената награда.

Љубов: Во љубовта се импулсивни и имаат многу барања. Искрени се, отворени, верни, па дури и наивни. Сакаат целосна искреност во односот со партнерот. Немаат многу трпение и затоа често реагираат импулсивно, а нивните раскинувања се лесни и вообичаени. Секогаш ја кажуваат вистината, без да размислат за последиците. Склони се да сменат многу партнери додека да го најдат оној вистинскиот. Често се залетуваат и брзо се вљубуваат. Најмногу им одговара личност која цврсто стои на земја и на која може да се потпрат за сè.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот

Поврзани содржини

  1. в Reply

    Е супер ви е прилогов … а за тие што се родени од 01.01-08.01??

    • Кафе пауза Reply

      Тие се родени во знакот Нил. Благодариме за увидувањето.

  2. Lujza Reply

    za 06.01. nemate horoskop

    • Кафе пауза Reply

      Еве, ја исправивме грешката. Знакот е Нил 🙂

    • Silver13 Reply

      ni za 13.03 nema horoskop……ili barem jas ne vidov x/

      • Кафе пауза Reply

        Родените на 13.03 спаѓаат во знакот Izida. Поздрав

  3. Некоја. Reply

    Се’ е погодено.! 🙂

  4. arta Reply

    za 20.12 nema horoskop

    • Кафе пауза Reply

      Има, Изида 🙂

  5. magde Reply

    zosto nema za 08.07?

    • Кафе пауза Reply

      Има, Магде. 08.07 се наоѓа во периодот 29.06 – 13.07, што значи дека знакот кој го бараш е Anubis – Многуте лица на месечината.

      Поздрав

  6. владо Reply

    Мн интересен прилог, за египетската митологија. Дали египетскта култура и митолоига ти е доста позната. И воопшто астрологијата , прептооставувам дека ви е занимање. Би сакал да те контактирам, размена на мислиења, можеми ќе најдеме нешто интересно.
    Поз Владо

Напиши одговор на Некоја. Откажи одговор