Астролошки профил на родените во знакот скорпија
(23 октомври – 21 ноември)
Карактерот на Скорпијата варира во зависност од конкретната индивидуа родена во овој знак. Но, одредени особини како што се истрајноста, решителноста, одлучноста, жестокоста и моќта, се јавуваат кај сите Скорпии. Тие се страсни, со многу интензивни чувства, на моменти повлечени во себе, анализирајќи ги задоволството и тагата кои животот ги носи.
Скорпијата е фиксен знак, кој стои цврсто на земја и има огромно разбирање за другите луѓе. Умее да ги држи ситуациите под контрола и да ги коригира работите, со цел да воспостави ред и мир.
Таа е страстен љубовник и лојален другар, кој ќе ве заштитува и брани во секој миг. Спаѓа во категоријата водни знаци, што ја прави емотивна личност и ѝ помага да се прилагоди во својата околина.
Во потрага по вистината
Овие особи имаат навистина „длабока“ душа и тие често психички навлегуваат во суштината на светот околу нив, барајќи ја вистината и одговорите, со цел да пронајдат задоволство во секој сегмент од нивното патување низ животот. Тие се задлабочуваат во нивната сурова реалност, што од своја страна може да доведе до изолирање во нивните мисли. Кога Скорпијата чувствува јака емоција, таа го бара коренот и потеклото на истата. Опростувањето не е јака особина на Скорпијата.

Интуитивни личности
Велат дека очите се прозорци на душата, а кога ќе погледнете во очите на некоја Скорпија ќе почнете да верувате во таа мисла. Нејзиниот длабок, мистериозен, провоцирачки поглед делува хипнотизирачки врз другите луѓе. Скорпијата располага со моќна интуиција, благодарение на која често умее да ги „види“ работите кои другите луѓе не ги забележуваат. Таа има дарба буквално да ја почувствува атмосферата и на некој магичен начин да предвиди што ќе се случи следно.
Скорпиите се натпреваруваат сами со себе
Погледнете ја Скорпијата како вежба во салата за вежбање и ќе забележите уште една нивна клучна особина – решителност. Другите луѓе Скорпијата ја доживуваат како личност која си ја брка својата работа. Тоа е така бидејќи таа никогаш не сака да се натпреварува со другите луѓе за тоа кој има поголема моќ, повеќе пари или кој изгледа подобро физички. Упорноста кај нив е толку изразена, како резултат на нивната потреба да си докажат сами на себе дека можат да успеат.

Недостатоци на Скорпијата
Фанатик
Скорпијата понекогаш може да се занесе верувајќи во некоја нејзина надреалистичка идеја или замисла, без разлика дали станува збор за љубов, политика, религија или здравје. Според неа е фер да има право на свое мислење.
Сомничав ум
Скорпијата има тенденција да се сомнева во искреноста на луѓето. Да верува во некого ѝ претставува проблем, па дури и кога е заљубена, таа сепак има потреба да му направи една серија од тестови на својот љубовник, сè со цел да го дознае степенот на неговата верност и лојалност.

Посесивност
Скорпијата знае да биде многу посесивна кога станува збор за луѓето кои ѝ значат во животот, а како резултат на тоа ја губи довербата во нив. Им советуваме на сите Скорпии да веруваат во својот љубовен партнер, пријателите и семејството и да најдат начин да го потиснат овој аспект од нивниот карактер.
Деструктивност
Пропаднатите љубовни врски и пријателства се штетни за секого, но никој друг не е толку свесен за секој аспект од сопствената психа, како што е Скорпијата. Самоанализата на Скорпијата, во овие ситуации, е нејзиниот најголем непријател. Таа може да се опседне со некоја ситуација, до тој степен да не може правилно да функционира во своето секојдневие. Единствен начин да преболи некоја личност, е да го замени очајот со гнев. Ако еднаш навредите, отфрлите или понижите Скорпија, најверојатно нема да добиете втора шанса.
Што ја инспирира?
Доколку сте Скорпија и се обидувате да сфатите што е тоа кое ве прави уникатни, тука ќе го најдете одговорот. Една од вашите најдобри карактеристики е способноста за целосна преобразба. Не само што умеете да го промените својот живот, туку можете длабински да ги смените и животите на другите луѓе. Запомнете што значи поимот трансформација: процес на коренита промена на некоја работа, при што не се губи суштината и шармот на истата. Способноста за трансформација на нештата, преставува посебна дарба на Скорпиите.

Кога Скорпијата е заљубена…
Длабочината на карактерот на Скорпијата најмногу доаѓа до израз кога таа е среќно заљубена. Кога таа е во емотивно стабилна љубовна врска, најдобро ги изразува своите чувства, страст, енергичност и нежна природа. Ако сакате да имате „врска без обврска“ со Скорпија, подобро барајте друга личност, бидејќи нема да можете да ја поднесете интензивноста и длабочината во карактерот на Скорпијата. Овој знак никогаш нема да го заборави роденденот на својот партнер или некој битен датум. Нема никогаш да избегне да ги сподели емоциите со својот љубовник. Таа ќе ве напушти само доколку врската „завршила“ во некој сегмент.

Во семејните односи
Не постои работа која Скорпијата не би ја направила за членовите на нејзиното семејство. Тие можат да сметаат во секој момент на неа. Меѓутоа ако таа се почувствува тотално разочарано и предадено од некоја личност, макар да е дел од семејството, таа личност ќе биде мртва за неа. Колку и да звучи ова екстремистички, Скорпијата нема да омекне сè додека не чуе дека личноста искрено жали што ја повредила до тој степен.
Темелна на работното место
Кога станува збор за анализа, истражување и прибирање на податоци, ниеден друг астролошки знак не е подобар од Скорпијата. Скорпијата умее да ги разреши најсложените проблеми во компанијата. Таа е амбициозна и посветена на нејзината работа и е способна да работи повеќе од 12 часа, ако тоа е потребно. Меѓу другото, Скорпијата е прав генијалец кога станува збор за пари. Понекогаш можеби делува малку молчалива и воздржана, меѓутоа ниеден друг знак не може подобро да се справи со кризи од Скорпијата.
Идеални професии за Скорпија
Сé што вклучува длабока анализа, истражување, проучување или разрешување мистерии… Би биле одлични детективи, научници, аналитичари на пазарот, хирурзи, полицајци, членови на војската, политичари, адвокати, психолози или сопственици на бизнис.

- Омилени бои: црвена, костенлива, виолетова и црна
- Животно мото: „Она што е скриено е поинтересно од она што е очигледно.“
- Скорпиите најмногу си одговараат со: Јарец, Риби, Рак и Девица.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
