Астрологијата ви открива како да ја сочувате својата љубов

Во постојаната борба за опстанок, современиот човек не посветува доволно време и внимание на својот интимен живот и во него не го внесува неопходното разбирање, топлина, чувства и толеранција. А токму вербата во љубовта, разбирањето и прилагодувањето кон партнерот, можат да ни го направат животот и поубав и полесен. Астрологијата може да ви помогне да го запознаете својот партнер и на тој начин да ја сочувате својата љубов.

Астрологијата ви открива како да ја сочувате својата љубов

Доколку сте вовлечени во беспоштедна емотивна врска со одлучниот Овен, би требало веднаш да ја закопате воинствената секира и да ги смирите негативните страсти. Потребно е да се помирите со фактот дека вашиот партнер мора секогаш да биде во право и дека неговата вистина е единствената вистина, инаку во спротивно ве очекува борба до истребување. Прилагодете се на неговите неретко егоцентрични ставови и барања, понекогаш почестете го со комплимент дека е најпаметен и најубав и нескротливиот Овен ќе се претвори во внимателен, топол и мил партнер. Дозволете му да почувствува дека токму тој е големиот водач на вашата врска. Исто така немојте да го гушите со љубомора, туку бидете самостојни, динамични и секогаш спремни за акција и возбудување.

Ако сакате да имате складна врска со Бик, ќе морате да се прилагодите на неговата тврдоглава и честопати молчелива природа. Тој никогаш нема да ви признае дека погрешил и побргу проблемот ќе го потисне и премолчи, отколку да се потруди да го реши со отворен разговор. Ако во врската мажот е Бик, а не сте сигурни во своите готварски способности, би било најдобро веднаш да се запишете на курс за готвење, бидејќи тој од вас ќе бара уредно да ги исполнувате сите женски должности од кујната до спалната соба. Биковите ќе ве изненадат со својата постојана потреба од допири, внимание и верност. Запомнете, исто така, дека Биковите се големи хедонисти кои не можат да живеат без комфор, топлината на домот и пред сè, материјалната сигурност.

Ако се обидувате да го уловите немирниот Близнак во својата љубовна мрежа, а тоа не ви поаѓа од рака, веројатно треба да ја смените тактиката. Потребно е да го  прифатите слободното сфаќање за бракот или врската и да замижите на неговите повремени излети во непознато. Обидете се да живеете во неговиот стил и со негово темпо. Бидете секогаш весели, забавни и дружељубиви. Немојте да го заморувате со љубоморни и посесивни испади и ни случајно не обидувајте се да ја ограничувате неговата слобода. Пред сè, бидете му пријател со кој ќе може повремено да води долги интелектуални разговори или да ги озборува своите познаници. Исто така, немојте веднаш отворено да му ја покажете својата љубов, бидејќи Близнакот обожува заткулисни игри на освојување и заведување.

Наспроти Близнаците, Раковите многу потешко да се придобијат во своето љубовно гнездо, отколку во него да ги задржите. Поради постојаниот страв од емотивна загуба, тие се затвораат во себе и не го покажуваат она што го мислат или чувствуваат. За припадниците на овој знак е потребно да се има многу трпеливост. Честопати е многу тешко да се поднесе променливоста на нивното расположение и екстремната чувствителност. Доколку сакате да ја сочувате својата љубовна врска со овој голем емотивец, потребно е постојано да го опсипувате со топлина, внимание и лојалност и барем еднаш дневно да му изјавите љубов. Раковите не ретко во емотивниот партнер ја бараат својата мајка, а тоа сознание може да ви биде дополнителен адут кој гарантира успех.

Самобедисаните Лавови честопати имаат висок критериум во изборот на својот партнер. Ако сакате засекогаш да ја задржите нивната љубов, морате да бидете професионално успешни, самостојни, солидно материјално потковани и самоуверени, или поточно нивниот љубовен избор се сведува на личности со репрезентативен изглед. Кога ќе се вљубат, тешко ја прекинуваат врската и се способни да поднесат големи жртви во име на љубовта. Ако судбината ве однела во прегратката на некој Лав, потребно е да ги почитувате неговите конзервативни ставови и правила. Бидете секогаш дотерани, уредни, убаво облечени и ќе ја придобиете наклоноста на секој Лав.

Додека Лавовите ќе го исполнат својот емотивен живот со сјај и луксуз, повлечената Девица е значително поскромна и со помалку барања. Доколку упорно барате формула за успешна врска со Девицата, тогаш треба да се преобразите во педантна, реална, штедлива и деловна личност. На овој начин несомнено ќе ја придобиете нејзината наклоност, но треба да се помирите со сознанието дека вашата врска ќе биде лишена од романтика и слатки возбудувања. За припадниците на овој знак, времето е пари, па поради тоа поголемиот дел од својата енергија го вложуваат во работата, а тоа го бараат и очекуваат и од својот партнер. Девицата мрази непотребно трошење и расфрлање, па доколку ѝ понудите духовна, но и материјална сигурност, ќе посака да го помине целиот свој живот со вас.

Доколку се обидете неодоливата Вага да ја сместите во рамките на просечен граѓански живот, таа ќе побегне толку бргу колку што ја држат нозете, бидејќи нејзе премногу ѝ се потребни активен друштвен живот и луксуз за да биде верен партнер. Ова важи и за машките и за женските претставници на овој знак. Љубовта на Девицата ќе биде вечен пламен ако биде опкружена со внимание и ако постојано ја опсипувате со подароци. Машките ваги мразат љубомора, особено ако таа е предизвикана од нивниот шарм и кокетирање со други. Немојте да му го одземате тој дел од машката слобода, бидејќи може да се претвори во зајадливо и кавгаџиско суштество. Погрижете се да имате складен емотивен живот и ќе бидете задоволни од вашиот партнер.

За да може да го поднесете заедничкиот живот со Скорпијата, неопходно е да имате разбирање за нејзината страсна природа, која неизбежно вклучува љубомора и себичност. Од партнерот бара многу, особено ако е вљубен/а. Бидете смирени и сталожени и тоа ќе ви помогне мирно да ги поднесете ироничните забелешки, кои неминовно водат до конфликт. Скорпијата мрази монотонија, па поради тоа исполнете ја вашата љубов со возбуда и динамика и бидете непресушен извор на предизвици, кои ќе мора постојано да ги освојува и шармира. Исто така, не заборавајте страсно да ги задоволувате еротските апетити, кои кај Скорпијата не се баш мали.

Додека за Скорпијата љубомората е еден од доказите за љубов, за Стрелецот тоа е доволна причина да „одлета“ од вашиот живот. Тие се најголемите оптимисти на зодијакот кои се вљубени во животот и мразат секакви ограничувања, а најмногу љубовни окови. Бидејќи е во постојана потрага по нови сознанија, на Стрелецот му годи партнер кој е начитан и образуван. Доколку сакате складна врска со овој знак, погрижете се секој ваш нов љубовен ден да изобилува со акција, возбудувања и предизвици. Изненадете го со излет на некое ново место или со патување во странска земја. Бидете негов рамноправен партнер кој ќе го поттикнува со духовитост, динамика и секогаш добро расположение. Немојте да се обидувате да го затворите помеѓу четирите ѕида на својата љубов, бидејќи набргу ќе се изгуби во непознат правец.

Ако се обидете да му предложите авантуристичко патување на сериозниот Јарец, сигурно ќе бидете изненадени од неговиот студен и незаинтересиран израз на лицето. За него љубовта е нешто како бизнис договор кој содржи ставки како што се одговорност, штедливост, сериозност и постојаност. Тој не сака патетични изливи на емоции и нежности. Доколку и после сето ова, сè уште сакате да бидете во врска со Јарец, неопходно е да се помирите со рутински живот без возбудувања и предизвици. Бидете скромни и штедливи и ќе му причините неизмерно задоволство. Доколку токму вие сте неговиот емотивен избор, немојте да се плашите дека лесно ќе замине од вашиот живот. Неговата стабилност е неверојатна.

Непредвидливата Водолија е тешко да ја сместите во оковите на семејниот живот. Доколку сте биле доволно упорни и сте успеале да го реализирате тоа, тогаш заборавете на посесивност и на класичните рамки на бракот. Ако се обидете да ја ограничите неговата слобода на движење, ќе бидете „наградени“ со голем бес, па дури и со неговото изостанување од дома неколку дена. Срцето на Водолијата ќе ви биде верно ако вашето љубовно гнездо го исполните со смеа, ако му дозволите да се дружи со своите пријатели и секогаш да имате разбирање за неговите излети во слобода. Погрижете се, исто така, да имате богат друштвен живот, да одите на концерти, во кино и на други разни забавни случувања.

Сензибилната Риба ќе биде задоволна со мирен заеднички живот, кој нема да биде оптоварен со предизвици и возбудувања. На овие романтични души им е потребно многу љубов и нежност, бидејќи во спротивно ќе имаат изненадни изливи на тага и патење. Грубоста не ја поднесуваат баш најдобро, а од партнерот бараат многу кога се емоциите во прашање. Љубовната формула за успешна врска со Риба е всушност многу едноставна. Потребно е да ги наполните своите емотивни батерии и секој ден да ѝ ја покажете својата верност и приврзаност. Немојте да заборавите да ѝ кажете дека ја сакате најмногу од сè и вашата врска ќе биде успешна и среќна.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар