Астрологијата и вашиот одмор од соништата

Сподели

Сите сакаме и имаме потреба од годишен одмор, но немаме сите еднаква желбa и идеа како тој треба да изгледа. Погледнете каков одмор посакуваат хороскопските знаци според своите потреби и во согласност со нивниот карактер.Астрологијата и вашиот одмор од соништата

Овен

Овните водат исклучително бурен живот и се преокупирани со авантура, акција, страст и со самите себе. Обожуваат да истражуваат нови места и тоа го прават со голема брзина. Тие би сакале со најбрзото превозно средство да стигнат до својата омилена дестинација, па затоа вообичаено одбираат авионски превоз. Авантуристички патувања кои вклучуваат рафтинг, скокање банџи, јавање или поточно сè она што го пумпа нивниот адреналин, се нивните омилени активности и за нив се спремни да отпатуваат каде било. Тие никогаш немаат време за ништо, но сепак патуваат многу повеќе од другите. Овните имаат неверојатна количина на енергија и поради тоа не можат да останат на едно место подолго време.

Бик

Биковите цврсто стојат на земја и сакаат сè што е опипливо и постојано. Поради влијанието на земјениот елемент своите искуства на патувањата најчесто ги доживуваат преку телото, а бидејќи Венера владее со овој знак, честопати своите задоволства ги изразуваат преку јадење и пиење или преку некој вид уметност. Главен приоритет на патувањата им е добар и удобен живот. Кај нив сè мора да биде испланирано однапред и тоа од времето кога се поаѓа на годишен одмор, превозното средство со кое се патува, купување карти за превоз, до резервација на хотелот. Во принцип се големи хедонисти, па затоа патуваат на проверени дестинации кои можат да им пружат максимален комфор. Биковите на летување се чувствуваат безбедно, единствено во позната животна средина.

Близнаци

Близнаците обожуваат да патуваат со својот партнер, пријателите или роднините со кои можат да уживаат во комуникација и размена на искуства. Поради влијанието на нивната планета Меркур, тие сакаат постојана интеракција и умствена стимулација со околината. На близнаците може да им биде досадно на едно место, па затоа не е добро да користат туристички аранжмани. Близнаците на годишниот одмор ќе бидат неразделни од своите мобилни телефони, ќе понесат некоја книга или списание, а во зависност од расположението можат да го продолжат или скратат престојот на одредена дестинација. Тие се однесуваат како да имаат внатрешен радар со кој константно ја набљудуваат својата околина и со телефонот во рака репортерски ги пренесуваат своите искуства на другите или пак следат интересни туристички објави.

Рак

Раковите се секогаш среќни кога се наоѓаат во близина на вода. Тие обожуваат да пливаат, да пловат со брод или да престојуваат на некој пловен објект. За нив водата е исклучителна атракција и предизвик. Тие немаат авантуристички ниту хазардерски дух, па затоа обично од година во година ги посетуваат истите дестинации и тоа скоро во истиот период. Доколку пак се одлучат за промена, многу внимателно го бираат и друштвото и новата дестинација. Вродената фантазија на овој знак буди разни стравови од имагинарни несреќи, кои можат да му се случат кога ќе го напушти родното место. Поради тоа честопати со себе ќе понесат некој омилен предмет од својот дом, за да се чувствуваат во непознатата средина како да се дома.

Лав

Во согласност со името и особините на животното кое го носи нивниот астролошки знак, неговото величество лавот сака одмор во кралски стил. Тие никако не сакаат да се заморуваат кога се на годишен одмор, па затоа избегнуваат планинарење. Наместо тоа, уживаат да бидат опкружени со добра послуга во отмен хотел, обавезно користејќи ги сите негови услуги како што се масажа на телото, фризер, педикир или маникир. Тие сакаат да го покажат својот престиж и длабочината на својот џеб, па затоа претставниците на овој знак најчесто ќе ги најдете во хотел со пет ѕвезди или на некое луксузно крстарење. Се разбира, одмор на егзотични дестинации претставува природен избор за нив.

Девица

Девиците се во суштина војнички тип, така што пред да тргнат на одмор треба да го пронајдат одамна составениот список на работите кои треба да се направат и спакуваат пред да се тргне на пат. На тој список задолжително се наоѓа и попис на сите интересни места кои треба да се видат на таа дестинација. Покрај сето тоа, додека се пакуваат во потсвеста размислуваат како во тој период да не си го губат времето и своите драгоцени пари. Покрај сите неопходни работи кои девицата ги носи на пат, таа задолжително носи и подвижна аптека (не дај боже, можеби некому ќе му треба). Претставниците на овој знак никако не сакаат да се спремаат набрзина, ниту пак сакаат некој да ги повика во последен момент.

Вага

За вагите годишниот одмор мора да биде со стил и елеганција. Тие се создадени за патувања кои зрачат со вистински гламур и луксуз, но никогаш нема да ги најдете на заморни и долги дестинации, бидејќи нивните патувања мора да бидат кратки и удобни. Вагите сакаат добро и хармонично да изгледаат, па затоа секогаш ќе пронајдат модерен багаж кој добро ќе им прилега со елегантната облека. Бидејќи се навикнати да патуваат, нивниот багаж и гардероба се секогаш спремни за некое отмено летувалиште. Како деца на Венера, нив ги привлекуваат дестинации на кои можат да го спојат убавото со корисното, а особено ги привлекуваат гламурозни фестивали, модни ревии или саеми за езотерична терапија со исцелувачки дејства.

Скорпија

Скорпиите сакаат годишниот одмор да го поминат на оние егзотични места на кои обично другите не смеат ни да стапнат. Посета на пирамидите во Египет или кинескиот ѕид за нив се премногу вообичаени и досадни, а вообичаените туристички аранжмани не се ни од далеку нивна идеа за одмор. Тие обожуваат предизвици и опасности, па поради тоа добро се снаоѓаат во било кој вид на екстремни спортови кои го подигнуваат нивото на нивниот адреналин. Можат да престојуваат во секакви климатски услови, па колку се поекстремни нивното задоволство е поголемо. Сакаат да патуваат инкогнито, а благодарение на нивната контролирана природа, вообичаено тоа и им успева.

Стрелец

Стрелците се родени светски патници кои сакаат да ги запознаат сите места што се обележани во престижните туристички каталози. Ако ги повикате со вас на пат, тие ќе се израдуваат како мали деца, веднаш ќе се спакуваат и ќе бидат спремни да тргнат на пат, па макар тоа да е и на крајот на светот. Тие сè ќе сторат за да видат и запознаат нешто ново и возбудливо. Стрелците ни случајно не сакат мирен годишен одмор далеку од бучава, на лежалка и со книга во рака. Нивната основна идеа за одмор е да отидат некаде што подалеку, каде што ќе можат бескрајно да се забавуваат и веселат. Не носат многу багаж, туку некој практичен ранец, капа или шешир, патики, наочари за сонце и многу, многу пари за сите оние бутици, барови и дискотеки кои сакаат да ги посетат.

Јарец

И покрај тоа што јарците сакаат удобен и луксузен годишен одмор, тие исто така ги сакаат и своите пари. Тие вообичаено преферираат безбедни и комфорни патувања кои се внимателно испланирани до најпрецизни детали. Кога го одбираат своето омилено место, тие бараат сигурност и гаранција за сместување и храна, бидејќи одморот го сметаат за заслуга, а не за потреба. Дури и на годишен одмор вниманието на јарецот ќе биде насочено кон активности и сознанија за културата и историјата на дадената дестинација. Тие не сакаат гужви, панаѓури и шопинг центри, но со задоволство ќе посетат музеи, галерии и антикварници. На претставниците на овој знак им е особено важно да биде сè според планот, да се чувствуваат удобно и сигурно и притоа да дознаат нешто ново и практично.

Водолија

Водолиите не се добри во планирање, така што генерално нивните годишни одмори не се однапред испланирани. Тие се секогаш задоволни со можноста и слободата на избор, без разлика дали станува збор за изборот на дестинација или за времето на поаѓање на одмор. Сакаат да патуваат онаму каде што ќе можат да запознаат нов пријател и добро ќе се забавуваат. Седење во природа, медитирање и барање внатрешен мир, е нивна идеја за вечно блаженство. Пронаоѓање идеален партнер и сопатник за ваков вид одмор може да биде голем проблем, па поради тоа најчесто патуваат сами. Водолиите го одбираат друштвото и дестинацијата во зависност од моментното расположение и внатрешните преокупации.

Риби

Кога е годишниот одмор во прашање, за рибите важи правилото дека нема правила освен едно, а тоа е дека нивното патување мора да биде удобно и романтично. Тие и без тоа никогаш не го живеат реално својот живот, туку се некаде далеку, можеби во некоја романтична бајка. Рибите се пакуваат интуитивно и хаотично, бидејќи им е важно само да ги исполнат своите романтични и емотивни соништа. Како деца на Нептун, тие сакаат вода и море, па затоа веднаш сè би дале за некоја приморска дестинација. Бидејќи секогаш се спремни на бесконечно прилагодување и жртви, тие честопати одат на одмор со својот близок пријател, кого неодамна го напуштила саканата личност.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар