Астрологијата и карактерот на вашето бебе

Понекогаш  не знаете што сака вашето бебе или зошто плаче. Тешко е да се разберат малите „човечиња“ бидејќи тие не знаат да зборуваат. Но, од нивниот хороскоп може да се научи нешто за нивните потреби и за карактерот.

Астрологијата и карактерот на вашето бебе

Овен

Од ова бебе не очекувајте да седи мирно и да си игра со играчки, зашто тоа нема да се случи. Бидејќи ова малечко е родено во огнен знак, тоа секогаш ќе биде во движење, а веројатно е дека тешко ќе го научите да ги дели своите работи со друг. Бебињата родени во знакот на овен обожуваат да бидат во центарот на вниманието и скоро секогаш го остваруваат тоа што ќе го наумат, па родителите треба да бидат особено внимателни.

Бик

Ова бебе има голема потреба од допир и нежност, па затоа треба да го галите и бакнувате што повеќе. Биковите сакаат удобност, па затоа на вашето малечко обезбедете му соба во која ќе има идеална температура, удобен кревет и интересни играчки. На овие бебиња треба сè да им биде стокмено. Не треба да се грижите ако вашето малечко не ги научило оние работи кои другите бебиња веќе ги знаат, бидејќи биковите новите работи ги прифаќаат полека и со свое темпо.

Близнаци

Овие бебиња уживаат во друштво, па веројатно ќе се обидат да комуницираат уште од првите денови. Љубопитни се и сакаат да истражуваат, па ако нема ништо интересно во моментот, веднаш им станува здодевно. Бебињата  близнаци треба да се вклучат во групни игри што е можно порано. Тие ќе уживаат во друштвото и многу бргу ќе станат омилени меѓу своите другари.

Рак

Бебињата родени во знакот на рак се многу емотивни, па затоа немојте да се чудите ако се случува често да заплачат. Поради тоа треба да се трудите вашето бебе да се чувствува заштитено и да не дозволите негативни вибрации во негова близина. Домот и семејството се многу важни за малечките родени во знакот на рак. Понекогаш овие бебиња можат да бидат многу молчеливи, но тоа не треба да ве загрижува.

Лав

Ова бебе е гласно колку и вистинскиот лав, па затоа заборавете на мирен сон. Тоа сака секогаш и во секој момент да му биде удобно и пријатно. Исто така сака да биде во центарот на вниманието, но му треба и публика. Со своите врсници брзо ќе се спријатели и ќе стане нивни „водач“.

Девица

Бебињата родени во знакот на девица често можат да бидат нервозни и раздразливи, но како инаку очекувате да станат перфекционисти? Овие бебиња не поднесуваат отстапување од дневните навики. Можат да бидат пребирливи кога е храната во прашање, но освен тоа нема да имаат многу специјални барања. Овие бебиња со часови можат да играат сами и притоа немаат голема потреба за внимание од околината.

Вага

Ова бебе ќе ужива во вниманието на другите и тоа без разлика каде се наоѓа, па затоа немојте да се изненадите ако во лекарската ординација се однесува како да е дома. Шармантна е, насмеана и неодолива. Бебињата во знакот на вага сакаат друштво и се вистински дипломати, па затоа често ќе бидат во улога на посредник во расправиите на своите другари. Удобноста е исто така важна за ова дете, а играњето и друштвото едноставно ги обожува.

Скорпија

Бебињата родени во овој знак едноставно мора да бидат во центарот на вниманието. Ова дете е малку мистериозно, па поради тоа е тешко да се разбере што сака и зошто плаче. Децата од овој знак чуваат многу нешта во себе и тоа често пати е особено тешко да се извлече од нив. Од друга страна, бебињата скорпии знаат што сакаат и како да го добијат тоа, многу се паметни и моќни деца, па родителите треба да бидат особено внимателни.

Стрелец

Ова безгрижно и среќно дете ќе прооди многу бргу. Независни се и со слободен дух, а сакаат и да истражуваат. Малите стрелци обожуваат отворен простор, па честопати ќе тропаат на вратата сè додека не ги однесете надвор. Овие бебиња не се плашливи и сакаат да ја истражат секоја нова работа што ќе ја видат, па затоа бидете внимателни, бидејќи вашето малечко може лесно да се изгуби. Бебињата стрелци се дружељубиви и уживаат да патуваат.

Јарец

Ова е многу дисциплинирано, методично и организирано дете, а дали е навистина дете? Па и да и не. Јарците не се склони кон авантуризам, па однесувањето на бебето родено во овој знак може да биде скоро досадно. Кога е во прашање учењето не треба да се грижите, бидејќи бебето јарец има свое темпо со кое ги открива и запознава работите. Овие малечки се секогаш концентрирани и вредни без разлика што прават.

Водолија

Бебињата во знакот на водолија можат да изгледаат осамено, но тие сакаат сами да го поминуваат времето. Дури и кога плачат, овие бебиња најчесто не сакаат поддршка. Можат да бидат вистински бунтовници, што за нивните родители нема да биде баш лесно. Со овие деца би требало доста да се работи на нивна социјализација.

Риби

Кога овие бебиња плачат, може да изгледа дека плачат без причина, но тоа е дел од личноста на овие срамежливи деца и нивната особина своите емоции да ги држат во себе. Многу се грижливи и чувствителни на сè што се случува околу нив, па затоа не викајте и не карајте се пред нив. Овие бебиња се вистински сонувачи, па често можат да одлетаат со мислите далеку од реалноста.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар